Системски моделираме психопати – случајот со шестооделенката во Ѓорче ја разбранува јавноста
Професорката Татјана Алексиќ со силен апел по случајот во Ѓорче Петров, каде шестоодделенка била горена со цигара и принудувана да јаде кучешки измет, од малку постари ученички, предупредува на потребата од стручна помош во училиштата и поголема општествена одговорност.
Професорката по македонски јазик Татјана Алексиќ јавно реагираше по вознемирувачкиот случај во скопската населба Ѓорче Петров, каде ученички од основно училиште малтретирале и понижувале своја врсничка.
Алексиќ, која предава во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, испрати силен апел до јавноста, прашувајќи каде децата виделе, слушнале или научиле такво насилство и омраза.
„Каде виделе, слушнале или прочитале за такви гадости? Кој ги научи толку да мразат и злоставуваат?!“, порача таа.
Според Алексиќ, на училиштата итно им се потребни стручни лица, образовни асистенти, социјални работници, педагози, психолози, психотерапевти, дефектолози и логопеди.
Таа посочува и на потреба од служби за детектирање метал и оружје при влез во училиште, систематски прегледи, ограничување на социјалните мрежи до 18 години и цивилизирани казнено-поправни домови.
Професорката предупредува дека децата учат од возрасните и дека агресијата што ја гледаат околу себе ја повторуваат и имитираат.
„Ќе учат од нас возрасните за агресија и добро ќе нѐ имитираат. Ние систематски моделираме генерации на психопати!“, порача Алексиќ.