Повик за волонтери за учество на второто издание на „WikiGap“
Шведската амбасада, во соработка со канцеларијата на UN Women во Скопје, во партнерство со ФИНКИ и НВО и од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерти, и академската сфера, како и со поддршка на тимот на Споделено знаење – Викимедија Македонија (Википедија на македонски јазик), ќе го организира второто издание на „WikiGap edit-a-thon“ за зголемување на бројот на текстови за истакнати жени од Северна Македонија и од светот, или значајни настани за родовата еднаквост на Википедија, со посебен акцент на човековите права и развојот и унапредувањето на демократијата.
Сите заинтересирани млади лица, студенти и млади активисти кои сакаат да придонесат за намалување на родовиот јаз во онлајн просторот и зајакнување на застапеноста на жените во онлајн Википедија енциклопедијата на македонски јазик треба да се регистрираат до недела, 13 октомври 2019 година ТУКА.
Организаторите информираат дека по потврдата за учество и пред настанот, волонтерите ќе треба да се регистрираат на Википедија како уредувачи (доколку немаат веќе кориснички профил), најдоцна до два дена пред самиот настан, кој ќе се одржи на 16 октомври 2019, со почеток од 17:00 часот во просториите на ФИНКИ во Скопје.
– Идејата е да профилираме жени од Северна Македонија и од светот кои направиле значајна промена во различни полиња на општественото живеење, со акцент на човековите права и развојот и унапредувањето на демократијата (уметност, наука, бизнис, борки за женски, социјални, општествени права…), посебно жени за кои не може да се најдат податоци така лесно. Заинтересираните граѓани кои ќе учествуваат ќе добијат сертификат од шведската амбасада, соопштуваат организаторите
Статиите ќе бидат на македонски јазик и можат да бидат од два типа: а) статии за жени за кои нема статија на Википедија (или е многу оскудна), чија содржина ќе биде создадена врз основа на стручна литература и сигурни и веродостојни извори; б) преводи на веќе постоечки статии за жени на Википедија од англиски (или друг јазик) на македонски јазик.