Повели народе, пак на тазе избори


Фото: Б. Грданоски

Без оглед на епилогот на вчерашната лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски и евентуалното заедничко прецизирање на датумот кога би се одржале предвремените парламентарни избори, партиите веќе со денови крстосуваат по државата во битка за гласови.

Во прилично патетичната атмосфера по разочарувањето од Брисел, тој обид за наметнување на некаква партиска победничка еуфорија изгледа вештачки, изнасилено, дегутантно, и покрај тоа што премиерот Зоран Заев тврди дека дошол ножот до коска, дека сега нема каде и дека „народот има мандат да одлучи по кој пат ќе се движи земјата“.

Клучната дилема во политичките кругови е дали предвремените избори се вистинското решение во ситуација на колективен нокдаун – кога патот кон ЕУ е крајно магловит или, пак, е период во кој власта, како што сметаат некои, треба поодлучно да влезе во спроведување на реформите, односно да се завршат програмските ветувања во делот на правосудството и администрацијата.

НСДП, која е дел од владината коалиција, засега е единствената партија која јасно се изјасни дека не е за предвремени избори. По недобиениот датум за преговори, сметаат од партијата, не треба да се создадат дополнителни политички тензии со одење на брзи избори кои може да го нарушат институционалното функционирање на државата. Наместо тоа, да се дефокусира политичката енергија во земјава и да се наруши институционалното спроведување на започнатите реформи. Доколку лидерите на најголемите политички партии, сепак, се одлучат за предвремени избори, од НСДП сметаат дека терминот за нив најрано би требало да биде во јуни наредната година, по завршување на мајскиот самит на ЕУ каде што би можело повторно да се разговара за стартот на преговорите.

Без оглед на тоа каква е конечната одлука, контурите на партиските кампањи дури и пред кобната бриселска ноќ можеа да се насетат. „Правиот пат“ на СДСМ и „Разговорите за обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ се два концепта кои помалку или повеќе имаат загубено од својата суштина. СДСМ и натаму во својата политичка реторика ќе инсистира на европски вредности кога црвениот картон од претседателот на Франција, Емануел Макрон, со право или не, се чувствува како сѐ, само не како европска вредност. А опозицијата истовремено ќе нè убедува во некаква обнова на државата откако за време на своето десетгодишно деструктивно владеење ги парчоса сите демократски постулати и буквално ја фрли на колена.

Премиерот Заев вели дека народот треба да одбере „меѓу патот на европски вредности, развој и просперитет, или мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти“. И ова не е нова приказна, но сега таа ќе треба поубедливо да се продаде по студениот туш од Макрон, кој првпат отворено рече дека не мисли оти проширувањето е единствената политика кон соседството. Треба да се продаде, пред сè, поради НАТО, бидејќи не смее да се дозволи сега кризата со ЕУ да влијае врз членството во алијансата, што не е завршена работа.

Од првичните спотови кои веќе почнаа да се вртат по социјалните мрежи, впечаток е, како што оценуваат политичките посматрачи, дека СДСМ ќе инсистира на улогата на инфериорна жртва, повторувајќи дека станува збор за историска грешка на Европа и дека сѐ што е во нивна можност било направено, што е меч со две острици.

Од настапот на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска пред граѓаните на Струга, пак, може да се процени дека во кампањата на власта на некој начин сега понагласено ќе биде движењето на Европа кон нас, а не нашето кон Европа.

„Одиме напред! Европските вредности ќе ги донесеме дома. Тоа што се случи нè прави уште посилни, убедени дека сме на вистинскиот пат. Со чист образ и долга листа на исполнети очекувања дојдовме во Брисел. Факт е дека сето она што беше направено, и сето она што беше очекувано, а зависеше од нас беше исполнето“, рече Шекеринска.

Изборите неминовно е повторно да предизвикаат своевидна општествена хистерија и на површина пак да ги извадат темите од типот кој е предавник и платеник, а кој патриот. Тоа јасно може да се заклучи од повеќе војничката отколку политичка изјава на „генералот“ Игор Јанушев, во која тој од позиција на генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, најмоќната партија чии свети букви се завет, бара од секој поединец на организацијата да го даде својот максимум.

„Барам тоа да не го прави за себе, ниту за мене, туку за ВМРО, а тоа е свето име чиј завет е Македонија. Бидете претпазливи и бидете на нивото на задачата, затоа што ова е победа која треба да ја донесеме за Македонија и за нејзината иднина. Македонија е горда, Македонија е исправена и со кичма цврста како карпа“, вели Јанушев. Влогот за ВМРО-ДМПНЕ е најголем досега, бидејќи враќањето од власт ќе значи ослободување од сите судски процеси против нив во земјата.

Според проценките на аналитичарите, опозицијата во битката за власт ќе сурфа на бранот на аферата „Рекет“, чија разврска со нетрпение ја очекува јавноста. Но, ќе се обиде да поентира и на Преспанскиот договор за кој ВМРО-ДПМНЕ најавува некакво ревидирање, без да прецизира како тоа планира да го изведе, а како загар ја чека и оценката на Венецијанската комисија за Законот за јазици во декември, чии делумни забелешки веќе излегоа во јавноста.

„Тој предавничко-патриотски изборен колорит е неизбежен. Нејасен е само неговиот интензитет. Лично сметам дека на евентуалните предвремени парламентарни избори во фокусот на партиите сепак ќе биде економскиот стандард. Луѓето се изморени од манипулативните приказни, сакаат реален напредок“, оценува комуникологот Сефер Тахири.

Тој се сомнева во мотивацијата на граѓаните да излезат на изборите по многуте разочарувања од неуспесите во различни сфери – и на домашен и на меѓународен план.

„Власта на некој начин самата признава дека сѐ фрлила на една карта на евроинтеграциите и тоа сега може негативно да ѝ се одрази, бидејќи ритамот на реформите според сите мерливи податоци не е задоволителен“, смета Тахири.

Граѓаните се распнати меѓу екстремните чувства. Од тоа дека ништо не може да се промени – политичарите си прават сѐ што сакаат, до тоа дека нема губење надеж. Вистинско прашање е колку им дошло до нови собири, митинзи, средби, мавтање со партиски знаменца… Митинзите на последните избори покажаа – многу малку.

Но, она што е сигурно е дека доколку лидерите си дадат рака, тоа ќе бидат петти по ред предвремени парламентарни избори во Македонија без попис, без прочистен избирачки список, без една изборна единица, без отворени листи, без ветени реформи, а со голем број корумпирани, осомничени и неказнети функционери, обвинители и судии… кои чекаат шанса да се вратат. (Н.К.)