Повеќе од 10.000 смртни случаи предизвикани од евтаназија минатата година во Холандија
Во Холандија, минатата година се регистрирани 10.341 смртни случаи предизвикани од евтаназија, што е зголемување од 3,8 проценти во споредба со 2024 година, според Регионалните комитети за преглед на еутаназијата (RTE).
Според овие податоци, евтаназијата сочинува шест проценти од вкупниот број смртни случаи во земјата, додека една година претходно тој удел изнесувал 5,8 проценти, објави порталот „NL Times“.
Речиси три четвртини од луѓето кои побарале евтаназија, или 74,7 проценти, биле над 70 години, а мнозинството страдале од сериозни физички болести, најчесто рак.
Повеќе од 85 проценти од барањата се однесувале на вообичаени физички заболувања како што се рак, невролошки нарушувања, белодробни и кардиоваскуларни заболувања.
Во еден случај, евтаназија била извршена врз тинејџер на возраст помеѓу 12 и 18 години.
Бројот на барања за евтаназија поради ментални нарушувања се намалил за речиси една петтина.
Минатата година биле поднесени 174 вакви барања, што е за 45 помалку отколку во 2024 година, а ниту едно не било поврзано со малолетници.
Во 499 случаи, евтаназија била извршена кај пациенти со некаков облик на деменција.
Регионалните комисии, исто така, разгледале 11 случаи во кои пациентите повеќе не биле ментално способни сами да побараат евтаназија.
Евидентирани се и 475 барања што се однесувале на комбинација од здравствени проблеми поврзани со стареењето, додека преостанатите 278 случаи биле класифицирани како „други состојби“.
Регионалните комисии за преглед на евтаназија го разгледуваат секој пријавен случај за да утврдат дали лекарите ги почитувале сите законски процедури.