Сметките за парно ќе доцнат
„ЕСМ снабдување со топлина“ интензивно работи на подготовка на сметките-фактурите за топлинска енергија за октомври, како што информираат од компанијата, потрошувачите ќе ги добијат фактурите во следниот период со мало задоцнување, во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале поради, како што велат, потребните технички подготовки за нивна изработка и ќе имаат соодветен рок за плаќање.
-Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ снабдување, во законски определена процедура согласно Законот за заштита на личните податоци. Од претходниот Снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ снабдување има лиценца, посочуваат од компанијата.
Правниот основ за преземање на целокупната база на податоци вклучително и личните податоци за потрошувачите потребни за вршење на дејноста снабдување со топлинска енергија, како што нагласуваат, произлегува од нужноста за обезбедување на континуитет во вршењето на дејноста и заштита на јавниот интерес согласно обврската за вршење јавна услуга од Законот за енергетика.
-Сакаме да напоменеме дека независно од постапката за преземање на податоците, потребно е секој потрошувач да склучи договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во Правилата за снабдување со топлинска енергија. Потенцирам дека не е правно возможно преземање на договори со претходниот снабдувач, односно потребно е да се склучат нови договори, рече помошничката на директорот за производство во АД ЕСМ Александра Маројевиќ на денешната прес-конференција.
Досега, прецизира, во ЕСМ снабдување се склучени 11.200 договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите.
-Времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед на тоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна. Во следниот период ЕСМ снабдување, по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои се уште не потпишале договор ќе го достави образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија на нивната адреса, по што ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во пунктовите на ЕСМ снабдување, прецизира Маројевиќ.
ЕСМ снабдување со топлина, како што кажа, ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува.
-Во врска со начините на плаќање на фактурите во ЕСМ снабдување, јавноста дополнително ќе ја известиме за сите детали, но во овој момент би напоменале дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности кои ги имале кај претходниот снабдувач како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAYуслугата. Така, потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување. Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот снабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ снабдување која ќе им биде доставена со фактурите, рече Маројевиќ.
Нагласи дека веќе се дистрибуираат фактурите за август и септември за потрошувачите на „ЕСМ енергетика“ кои доцнеа поради примена на финансиската поддршка од Владата за надоместување на разликата на цена на топлинската енергија. Тие ќе имаат соодветен рок за плаќање.