Последици на пеколниот бран: Три жртви во Италија, пожари во Франција и во Шпанија


Најмалку три лица починаа од високите температури во централна и во северна Италија, додека во Милано за 35 отсто е зголемен бројот на лица кои во побарале помош во болниците и во здравствените установи поради проблеми предизвикани од топлотниот бран.

Во Милано значајно е зголемена потрошувачката на електрична енергија поради клима-уредите, поради што повремено доаѓа до „замрачување“ на продавниците и на рестораните.

Стотици пожарникари се борат со огнена стихија во јужниот дел на Франција, особено во регионот Гард, каде се измерени дури 45,9 Целзиусови степени и каде изгореа околу 600 хектари земјиште, а уништени се десетици куќи и возила, соопштија локалните власти.

Најмалку 700 пожарникари и 10 авиони се вклучени во гаснењето на пожарите, а неколку патишта се затворени.

Рекордна температура оваа година беше измерена и во Париз, а властите издадоа забрана за возење постари автомобили за да се минимизира загадувањето предизвикано од горештините.

Во Шпанија се измерени многу високи температури, кои во одделни региони достигнуваат и до 43 степени. Во 40 региони на Шпанија, од вкупно 50, во сила е метео аларм, додека се размислува за прогласување на екстремно ризична состојба во седум региони.

Во североисточниот дел на Шпанија, во Џирона, температурите достигнаа 43,9 степени, додека владата на Каталонија соопшти дека успеала да стави под контрола 90 отсто од пожарите кои зафатија над 60 квадратни километри земјиште во североисточната провинција Тарагона. Активни се уште два пожари во централниот дел на Толедо.