„Порше“ и група инвеститори преземаат 35 отсто од сопственоста на „Фликсбас“
Група инвеститори, во која е и производителот на автомобили „Порше“, објавија дека преземаат 35 отсто од сопственоста во германската транспортна компанија „Фликсбас“.
„Порше“, кој го контролира и германскиот производител на автомобили „Фолксваген“, наведува дека негови соинвеститори ќе бидат компанијата ЕКТ и инвеститорот Клаус Мајкл Куен, пренесува Ројтерс.
Во јули, ЕКТ најави заедничка инвестиција во 35 отсто од акциите на „Фликсбас“, но потоа го откри само Куен како коинвеститор, а не „Порше“, пренесува Танјуг.
Според неименуван извор на Ројтерс, споменатата група инвеститори треба да го преземе сопственичкиот удел на „Фликсбас“ за повеќе од една милијарда евра, а уделот на „Порше“ би бил релативно мал во споредба со преостанатите инвеститори.
„Фликсбас“, чија вредност се проценува на повеќе од три милијарди евра, обезбедува автобуски и железнички транспортни услуги во Европа и автобуски превоз во Северна Америка.