Поранешниот шеф на дипломатијата избран за претседател на Кипар

Најголемиот предизвик за новиот шеф на државата е да се најде излез од ќор-сокакот во преговорите за обединување на островот


Никос Христодулидес беше независен, но доби поддршка од десничарските партии

 

Никос Христодулидес беше избран за претседател на Кипар во вториот и последен круг гласање во неделата.

Поранешниот кипарски министер за надворешни работи собра 51,9 отсто поддршка во вториот круг гласање што беше многу потесног од првично очекуваното, според резултатите објавени од државната телевизија на Кипар. Тој се натпреваруваше против дипломатот од кариера Андреас Мавројанис кој доби 48,1 отсто од гласовите. Церемонијата на инаугурација ќе се одржи подоцна во недела навечер.

Христодулидес (49) доаѓа од владејачката десничарска партија Демократски собир (ДИСИ), но се кандидираше како независен, со поддршка на централните и централнодесничарските партии. Мавројанис (66), поранешен главен преговарач во мировните преговори со кипарските Турци и поранешен постојан претставник на Кипар во Обединетите нации, исто така се кандидираше како независен со поддршка на партијата АКЕЛ со комунистички корени.

Новоизбраниот претседател ќе има тешки предизвици во текот на неговиот петгодишен мандат: управување со земјата низ геополитиката што се развива; справување со растечките финансиски проблеми и порастот на миграцијата; подобрување на националниот имиџ извалкан од корупциски скандали; и изнаоѓање начин за излез од ќорсокакот во разговорите за повторно обединување за етнички поделениот Кипар. Христодулидес се смета за тврдокорен во однос на прашањето за повторно обединување на Кипар.

„Повторното обединување на нашата земја е главен приоритет за мене“, рече тој во првите коментари по изборот.

Христодулидес постојано водеше во сите анкети за време на изборната кампања, позиционирајќи се себеси како кандидат кој може да ги премости партиските определби и да го обедини расцепканото гласачко тело.

Тој го наследува конзервативниот претседател во заминување Никос Анастасијадес, кој е на чело на медитеранскиот остров веќе една деценија и со закон не можеше да бара трет мандат. Христодулидес беше еден од најблиските соработници на Анастасијадес, откако беше негов дипломатски советник, владин портпарол, а потоа и министер за надворешни работи.

Кога ја објави својата кандидатура, Христодулидес ги прекина врските со сопствената партија ДИСИ и нејзиниот водач, Авероф Неофиту, со што го подели конзервативниот глас. Тоа е првпат во својата историја ДИСИ да не се избори да има кандидат во вториот круг од изборите.

Фрагментираната партија ги повика своите членови да гласаат според нивната совест, при што некои од нејзините членови го нарекоа Христодулидес предавник, додека други се појавија особено претпазливи за можноста да биде избран кандидатот на АКЕЛ.

„Денот по изборите ќе им се пристапи на оние кои ме поддржаа и оние кои не ме поддржаа за да можеме да работиме колективно“, рече Христодулидес минатата недела. „Единството на ДИСИ нема да биде засегнато; не станува збор за поделба“.

„Не треба да бидете во влада за да се однесувате одговорно за вашата земја“, рече Неофиту доцна во неделата. „Новиот претседател треба да смета на поддршката од ДИСИ.

Кипар е поделен на север со кипарски Турци и југ на кипарски Грци од инвазијата на Турција во 1974 година, која дојде како одговор на пучот поддржан од Грција. Анкара не ја признава Република Кипар, земја членка на ЕУ која инаку е меѓународно признаена како единствена суверена власт на целиот остров. Неколку обиди да се најде компромисно решение низ годините пропаднаа, последниот во 2017 година.

Турскиот север го заостри својот став по изборот на лидерот Ерсин Татар во 2020 година, тврдокорен кој инсистира на решение со две држави, иако Обединетите нации продолжуваат да вршат притисок за федерација од два дела. (Политико)