Огромниот американски пакет помош не го содржи она што Украина најмногу го бара


Пентагон соопшти дека ќе побрза со испорака на ракети за противвоздушна одбрана „Патриот“ и артилериска муниција во Украина како дел од новиот пакет воена помош. САД ќе искористат 6 милијарди долари за оваа намена, објави во петокот министерот за одбрана Лојд Остин.

Сепак, системите за лансирање на ракети Патриот нема да бидат испратени. Токму тоа најмногу го бара Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „патриотите“ се итно потребни за да ѝ помогнат на Украина да се справи со растечката руска воздушна закана и дека тие „може и треба да спасуваат животи во моментов“.

Извор потврди за Би-Би-Си дека 6-те милијарди долари се дел од пакетот помош од 60 милијарди долари, потпишан од американскиот претседател Џо Бајден во средата, кој вклучува и милијарда долари непосредна помош.

Најголем американски пакет помош до сега

Остин на прес-конференција рече дека САД се обврзуваат на најголемиот пакет безбедносна помош до сега и „ќе тргне веднаш“ за да се достави на Украина.

Ова би вклучувало муниција за противвоздушна одбрана, системи против беспилотни летала и артилериска муниција, но не и ракетни системи Патриот.

„Ним (Украинците) не им требаат само патриоти, туку и други видови системи и пресретнувачи“, рече Остин. „Би предупредил да не гледаме на Патриот како на магично решение“, додаде тој.

Тој рече дека е убеден дека наскоро ќе му бидат достапни на Киев повеќе ракетни системи. Во тек се разговори со европските партнери, рече тој, за испорака на дополнителни средства.

Поттикнување на производството на муниција во Украина

Претседателот на Здружениот генералштаб на САД, генерал Чарлс Браун, рече дека помошта треба да ја намали употребата на гранати на бојното поле.

Некои од најновите финансиски средства, исто така, ќе бидат наменети за градење на сопствената одбранбена индустрија на Украина за да може да почне да произведува повеќе од својата многу потребна муниција.

Остин рече дека Русија веќе го зголемила своето домашно производство на артилериска муниција и друго оружје – како и дека е поддржана од пратки од Иран и Северна Кореја.

„Морате да разберете што е во прашање за Украина, Европа и САД“, рече тој. „Доколку Путин надвладее во Украина – Европа ќе се соочи со безбедносна закана каква што никогаш не видела до сега. Русија нема да застане во Украина“.

На прашањето дали американската помош ќе ги заштити украинските сили, Остин рече дека обврската е „материјална, реална и суштинска“, иако „не итна“.

„Ќе биде потребно извесно време за да се достави и дистрибуира сè. Украинците успеаја да издржат – со оваа способност можат многу подобро“, рече тој.

Зборовите на министерот за одбрана доаѓаат откако Украина во петокот предупреди дека Русија ги засилува нападите врз нејзините железници пред нова офанзива.

Украински безбедносен извор изјави за новинската агенција АФП дека Москва сака да ја оштети железничката инфраструктура на Украина за да ги „парализира испораките и движењето на воениот товар“.

Украина има само неколку Патриоти кои ќе ги надополнат другите западни системи за ракетна одбрана и постојните резерви на ракети земја-воздух од советската ера (САМ), како што е С-300.

Ова се најспособните и најскапите системи за воздушна одбрана што ги има Украина. Секоја батерија Патриот чини околу една милијарда долари, а секој проектил чини речиси 4 милиони долари.

Европа треба да испорача Патриот на Украина, но не се знае кога и колку

Европа треба да им обезбеди на Украинците шест системи Патриот, но кога – не се знае. На прашањето кога Украина ќе ги добие седумте системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што ги побара претседателот Володимир Зеленски, шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел, одговори дека одлуката е на земјите-членки.

Германија веќе вети дополнителен систем Патриот – а нејзините министри за одбрана и за надворешни работи ги повикаа своите европски колеги претходно овој месец да реагираат итно.

Грција има залихи на патриоти и С-300, но рече дека не може ништо да и даде на Украина. „Ние објаснивме зошто не можеме да го направиме тоа“, изјави грчкиот премиер Кириос Мицотакис за ТВ Скај. Тој рече дека системите за воздушна одбрана на неговата земја се „системи за заштита на грчкиот воздушен простор“.

Според извештаите, Шпанија ќе испорача некои ракети Патриот, но не и целиот систем.

Во последниве месеци, Киев ги засили своите повици за помош од Запад, бидејќи резервите на муниција се смалуваат, а Русија продолжува да напредува.

Украинските власти го обвинија доцнењето на воената помош од САД и другите западни сојузници за загубата на животи и територии.