Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен Навални, пишува Волстрит џурнал


Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство – обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации – вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти – американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.