Поранешниот германски канцелар Шредер подготвен да сведочи за аферата „Северен тек 2“, но зад затворени врати

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изразил подготвеност да сведочи во рамки на истрагата за гасоводот „Северен тек 2“, но само под одредени услови и без јавно појавување, пренесе денеска магазинот „Шпигел“.
Шредер, кој неколкупати го одложи сведочењето пред истражниот одбор во покраинскиот парламент на Мекленбург-Западна Померанија, се повикуваше на здравствени причини. Според писмо од неговиот адвокат Ханс-Петер Хубер, тој сега би се согласил на сведочење преку видеоврска од неговата канцеларија во Хановер, но без присуство на јавноста и со можност за паузи поради здравствената состојба.
Во писмото се наведува дека Шредер, кој има 81 година, и натаму има слабо здравје и не е способен за долготрајно или јавно испрашување, поради што е потребен посебен пристап.
Шредер од 2016 година е претседател на Надзорниот одбор на компанијата „Северен тек 2“ и се смета за клучен сведок во истрагата што се води за улогата на контроверзната фондација „Заштита на климата и животната средина Мекленбург-Западна Померанија“, финансирана од Русија. Таа фондација имала задача да обезбеди завршување на гасоводот, и покрај американските санкции.
Рочиштето е закажано за 17 октомври, а досега веќе двапати беше одложено поради медицински оправдувања – прво од матичниот лекар, а потоа и од психијатар кој изјавил дека Шредер боледува од „тежок синдром на прегорување“ и има потешкотии со концентрацијата и помнењето.