Поранешен шеф на државата, премиер, претседател на Собрание, кој е Илир Мета, уапсен по налог на СПАК?


Илир Мета, поранешен претседател, премиер и претседател на Собранието на Албанија денеска беше уапсен по наредба на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК. 

Тој ги извршуваше највисоките државни функции додека по завршување на петгодишниот претседателски мандат, од крајот на јули 2022 година, се врати во неговата партија, Движење за социјалистичка интеграција и ја преименува во Партија на слободата.

Илир Реџеп Мета, роден на 24 март 1969 година во Скрапар, Албанија, е еден од најпопуларните политичари во земјата. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот во Тирана, каде успешно ги завршил  и постдипломските студии. Неговата политичка активност започнува во 1990 година, по падот на комунизмот, каде што станува активен учесник во студентските движења за политички плурализам.

Мета, како член на Социјалистичката партија, првпат беше избран за пратеник во 1992 година, по што беше на многу важни функции. Премиер на Албанија беше од 28 октомври 1999 година до 29 јануари 2002 година. По парламентарните избори во 2001 година, тој беше реизбран за премиер, но поднесе оставка на 29 јануари 2002 година поради тензиите партијата. Во 2004 година, тој го основа Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), партија која имаше за цел да ја интегрира Албанија во Европската унија.

Мета ја извршуваше функцијата претседател на Собранието на Албанија од 10 септември 2013 година до 28 април 2017 година. По завршувањето на мандатот како претседател на Собранието, тој беше избран за претседател на Република Албанија на 28 април 2017 година.

На 28 април 2017 година Илир Мета беше избран за претседател на Република Албанија со 87 гласови од 140 пратеници во парламентот. За време на неговиот мандат како претседател, тој се соочи со бројни политички и општествени предизвици, вклучително и длабока политичка криза што доведе до процес на импичмент во 2021 година. Сепак, Уставниот суд го прогласи за невин и ја поништи одлуката на парламентот.

Оженет е со Моника Круемади (50) со која има три возрасни деца, две ќерки и син, кои се школуваат во Лондон. Неодамна Мета објави дека започнале бракоразводна постапка.

Мета во јуни годинава а пред тоа уште двапати, беше повикан во СПАК, кога, како што рече, дал објаснувања за „имотната истрага што се води против него и Моника Круемади“.

-Залудно ме испрашуваа три часа, за работи кои немаат врска со мене, кои имаат врска со постапките на другите. Сето ова е политички мотивирано од лидерот (премиерот Еди Рама) на оваа нарко – држава и нарко – режим што го одржува Думани (првиот човек на СПАК) во живот. Сите тие криминални дела ги прави врз опозицијата за да го спаси Еди Рама, изјави тогаш Мета.

Тој денеска беше приведен, кога полициски возила го пресретнале возилото во кое се наоѓал,  а со кое се движел кон седиштето на партијата, каде имаше најавено да одржи прес-конференција.