Поради настинка, Рама му откажал средба на Пендаровски


Силна настинка се посочува како причина поради која албанскиот премиер Еди Рама не се сретнал со македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој викендов беше во посета на Албанија.  Од кабинетот на Пендаровски велат дека Рама лично му се јавил на Пендаровски за да се извини затоа што морал да јаоткаже средбата.

-Средбата на претседателот Пендаровски со премиерот на Албанија Рама, при неодамнешната посета на Тирана, не се одржа по заеднички договор на протоколите од двата кабинети. Премиерот Рама во приватен телефонски разговор лично му се извини на претседателот Пендаровски за неможноста да се сретнат, објаснувајќи дека откажувањето на средбата било поради негови здравствени причини – објаснуваат од кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски викендов беше во Тирана, за да се сретне со албанскиот колега Илир Мета. Пендаровски ја нарече средбата „вонредна“, затоа што се реализира по француското „не“ за двете земји на неодамнешниот самит на ЕУ во Брисел. Пендаровски иницираше и одржување самит за Западен Балкан во нашата земја, на кој би се отфрлиле алтернативи за членството во ЕУ, кое останува стратешка цел за земјите од регионот.

Случајот со нереализираната средба Рама – Пендаровски го презентира пратеникот во албанскиот Парламент од Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски,. Тој реагираше на одложената средба на претседателот Пендаровски, за што побарал објаснување од кабинетот на Рама.

– Планирано беше претседателот Пендаровски да се сретне и со премиерот Рама. Но, како што бев информиран од македонската делегација, половина час пред средбата кабинетот на премиерот ја откажал со образложение дека Рама „има важен состанок’. Одложувањето на средбата се случи по заедничката прес-конференција на претседателите Мета и Пендаровски. Премиерот треба да ја информира јавноста, зошто ја одложи средбата со Стево Пендаровски половина час пред нејзиното одржување – рече Стерјовски.

Тој го оцени како несериозно однесувањето на албанскиот премиер.

-Бидејќи  ваквите средби се закажуваат со недели однапред, останува впечатокот дека е несериозно однесувањето на премиерот, уште помалку е во духот на добрососедството. Особено ако се има предвид дека Албанија и Македонија заедно се движат по европскиот пат и споделија иста мерка од последниот самит на Европскиот совет – одлагање на датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Впрочем, не е тајна дека Македонија не доби датум за почеток на преговорите поради нас, поради нашата држава Албанија, – посочи Стерјовски.

Тој додаде дека односите за добрососедство се критериум за европска интеграција и оти Албанија мора да ја промовира таа политика со сите наши соседи.  (П.Р.)