Пописот влезе во кривина


Кон крајот на неделата, работните групи на власта и на опозицијата би требало уште еднаш да седнат за да видат дали може да се договорат околу пописот. Статистичката операција најавена за идната пролет и натаму е неизвесна затоа што владејачките партии не сакаат да ризикуваат бојкот од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, а во белиот дворец инсистираат да бидат прифатени нивните барања за активно да учествуваат во процесот. Во моментов, според извори од преговарачките тимови, ситуацијата е статус кво, односно секоја страна држи до своите позиции, поради што нема оптимизам оти работите ќе се помрднат.

Остануваат спорни првите две барања на опозицијата: пописот да се одржи во 2021 година за да има повеќе време за подготовка, односно за пописот да биде задолжено колективно тело составено од стручни лица, а не целиот процес да го води директорот на Државниот завод за статистика, кој е назначен од владата.

Пописот е најавен минатата есен и досега требаше да биде донесен законот. Имаше доволно време од година и половина да се испеглаат разликите и да се спроведе операцијата. Пролетва имавме избори, наредната есен ќе имаме други, затоа пролет е најдобрата опција особено што ќе ни треба логистика од Владата. Ние сме единствена земја каде што попис не е направен речиси две децении и мора што попрво да го реализираме. Другото нивно барање за формирање комисија што ќе го води процесот, а Заводот за статистика само да помага, не можеме да го прифатиме. Во 2011 година, кога тогашната влада се подготвуваше за попис, токму таа комисија беше посочена како кочничар, затоа што тоа е политичко тело, а ние зборуваме за статистичка операција“, тврдат извори во преговарачкиот тим на СДСМ.

Меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ бара на лицата што ќе бидат попишани да им се даде документ со податоците што се внесени со цел да нема злоупотреби. Но, од СДСМ тврдат дека не постои законска рамка тоа да се оствари, па објаснуваат оти граѓаните ќе можат самите на лице место да видат кои податоци се внесуваат во евиденцијата.

Дел од забелешките на опозицијата се дека попишувањето не може да се врши само со матичен број, туку мора да биде со релевантни документи, лична карта, извод или пасош, и да се прецизира кој ќе може да даде податоци за лица што се надвор од државата, да не може тоа да го прават соседи или пријатели, туку да биде наведено и кој од семејството и до кое колено може да дава податоци. Од власта одговараат оти невозможно е да се одреди кој кому е второ или трето колено.

Во ВМРО-ДПМНЕ бараат и лицата што ќе се попишат електронски да не се водат како резидентно население. Попишувањето да не го прави само по еден попишувач, стравувајќи од злоупотреби особено во селата, туку да има по двајца или тројца попишувачи од различна етничка припадност.

Законот за попис е клучен затоа што без него не може да спроведеме попис. Не можеме да распишеме оглас за попишувачи, простории и слично, иако веќе имаме обезбедено буџет. До најавениот попис има уште половина година и прашање е дали ќе стигнеме навреме да ги организираме сите потребни работи“, коментираат во Државниот завод за статистика.

Законот за попис во парламентот може да се донесе со апсолутно мнозинство од 61 пратеник, кои во моментов не се проблем за актуелната власт. Но, доколку нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, можно е опозицијата да повика на бојкот, па целата операција да нема смисла.

Пред да стигне до пратениците, предложениот закон од Владата, кој е предвиден со европско знаменце, треба да помине кај матичната Комисија за европски прашања со која раководи Артан Груби од ДУИ. Сепак, седница би се закажала откако ќе се види епилогот од дијалогот на работните групи.

Се предвидува пописот да чини околу 8,5 милиони евра. Во јуни годинава беше спроведен пробен попис во 13 општини, во кој се попишани 3.839 згради, 4.572 станови, 3.184 домаќинства и 10.267 лица. Празни се пронајдени 1.400 станови, додека 30 лица одбиле да бидат попишани.

Последниот попис беше одржан во 2002 година. Во 2011 година имавме нецелосен попис, прекинат неколку дена пред крајот. Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за тогашните лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, но случајот никогаш не заживеа, а сега замре и самото обвинителство.

Горан Адамовски