Полските земјоделци повеќе нема да ја блокираат границата со Украина
Полските земјоделци го завршија протестот на последниот блокиран граничен премин со Украина, објавија Киев и Варшава, ставајќи крај на повеќемесечната криза која ги наруши билатералните односи меѓу двете земји.
Украинскиот министер за земјоделство ја поздрави „конструктивната работа“ на Полска за укинување на блокадата, наведувајќи во изјавата дека преговорите со Варшава и индустриските здруженија не биле лесни, но „главната работа е што е постигнат резултат“.
„За среќа, сите правци на границата со Полска се деблокирани“, изјави портпаролот на украинската гранична полиција Андриј Демченко, додавајќи дека полските фармери го ослободиле пристапот до преминот Рава-Руска.
Камиони утринава почнаа да ја минуваат границата во двата правци, рече тој. Портпаролот на полската гранична полиција Анджеј Јузвијак изјави за Ројтерс дека Украина може да се премине „непречено“ на сите премини.
Тие протестираа поради нарушување на конкуренцијата
Полските земјоделци и камионџии ги блокираа граничните премини со Украина од крајот на есента минатата година во знак на протест против нелојалната конкуренција.
Како главна причина, тие ја наведоа пасивноста на владата кон губење на работни места за странските конкуренти од почетокот на војната во Украина, бидејќи возачите на камиони од Украина беа изземени од барањето да имаат дозвола за преминување на полската граница.
Некои ограничувања сепак ќе важат за камионите што превезуваат жито, што е главното прашање што ги налути полските демонстранти, соопшти украинската гранична служба.
„Истовремено, на камионите што превезуваат жито нема да им биде дозволен влез во Полска. Овој вид товар може да се движи низ Полска само во транзит“, објави службата на Telegram.
„Мислам дека ваквите блокади се минато“, објави на Фејсбук украинскиот амбасадор во Полска, Васил Звариќ. „Наместо да блокираме, подобро ќе соработуваме.