Полската влада го блокира доаѓањето на новиот амбасадор на САД, синот на Збигњев Бжежински
Владата на полскиот премиер Матеуш Моравјецки го блокира доаѓањето на новиот американски амбасадор во Полска, објави полскиот медиум „Онет“. Според информациите на порталот, Полјаците сакаат да го понижат дипломатот со тоа што ќе му наложат да се откаже од полското државјанство. „Оваа состојба ги зачуди американските власти“.
Половина година нема американски амбасадор во Полска. Откако Џорџет Мосбахер, претставник на администрацијата на Доналд Трамп, ја напушти Варшава, дипломатската мисија е предводена од Бикс Алиу, кој е вршител на должноста амбасадор – што е понизок ранг на дипломат.
Според новинарите на „Онет“, кандидат на тимот на Џо Бајден за оваа позиција е Марк Бжежински, син на Збигњев Бжежински – поранешен советник за национална безбедност на претседателот Џими Картер и Полјак што имал највисока функција во која било администрација во САД.
„Онет“ известува дека владата на партијата Право и правда го блокира доаѓањето на дипломатот во Варшава и не сака да му даде агреман. „Онет“ пишува дека полската влада ги известила Американците дека не може да ја прифати кандидатурата на Бжежински сѐ додека тој не се откаже од полското државјанство. Според информациите на „Онет“, оваа ситуација ги запрепастила и американските власти и самиот Марк Бжежински.
Иако Бжежински никогаш не поднел барање за државјанство и – како што тврди – тој никогаш не се чувствувал како Полјак, владата на Матеуш Моравјецки се повикува на одредбите од законот што велат дека полското државјанство се доделува на секое лице чиј родител е или бил Полјак.
Марк Бжежински беше советник за надворешна политика во кампањата на Барак Обама, а потоа стана амбасадор во Шведска. На 26 мај 2021 „Њујорк тајмс“ објави дека Бајден размислува да го номинира Бжежински за амбасадор во Полска. (Н.В.)