Полска ќе усвои построг закон за сексуално злоставување
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска вети построги казни за сексуално злоставување малолетници, откако беше прикажан документарен филм за злоставување од страна на свештеници.
Премиерот Моравјецки и министерот за правда Збигњев Зјобро на прес-конференција во Варшава изјавија дека Владата го подготвила законот со кој ќе има построги казни за злоставување малолетници.
Според новиот закон, кој треба да го изгласа полскиот Парламент, максималната казна за такво дело ќе се зголеми од 25 на 30 години.
– Секое злосторство, особено педофилијата, уште повеќе ќе биде стигматизирано, отколку што досега беше случај, рече Моравјецки.
„Не кажувај никому“ е името на документарниот филм кој од саботата до вчера имаше повеќе од 8,1 милиони прегледи на Јутјуб. Тој прикажува како свештеници ги злоставуваат своите жртви, а притоа не сноселе никакви последици.