Полицијата во Манчестер веројатно застрелала една од жртвите во нападот пред синагогата

Една од жртвите во нападот во Манчестер веројатно била застрелана од огнено оружје што го користела полицијата, соопшти денеска Метрополитен полицијата на Манчестер.
Во соопштение до јавноста, шефот на полицијата, Сер Стивен Вотсон, изјави дека патолог од Министерството за внатрешни работи на Велика Британија, по прелиминарната анализа утврдил дека едно од починатите лица имало повреда што одговара на рана предизвикана од огнено оружје, објави британски Скај њуз.
-Според досегашните сознанија, осомничениот, Џихад ал-Шами, не бил вооружен со огнено оружје. Единствените истрели биле испукани од овластени службеници на полицијата, кои се обидувале да го спречат напаѓачот да влезе во синагогата и да им нанесе дополнителна штета на членовите на еврејската заедница, рече Вотсон.
Тој додаде дека, во исчекување на конечните форензички наоди, постои можност повредата да била трагична и непредвидена последица од итната акција што неговите службеници морале да ја преземат за да го спречат „овој брутален напад“.
Полицијата, исто така, објави дека уште едно лице, од тројцата ранети кои сè уште се во болница, претрпело прострелна рана, но дека повредата не е опасна по живот.
Според истрагата, двете жртви биле во непосредна близина на влезната врата на синагогата во времето на нападот.
Претходно, три лица вчера беа убиени, вклучувајќи го и напаѓачот, кој беше застрелан од полицијата, во напад во близина на синагога во Манчестер.
Нападот со автомобил и нож се случи во близина на синагогата на хебрејската конгрегација Хитон Парк за време на одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.