Податоците од Кредитниот регистар ќе се издаваат без надоместок
Стапи во сила Одлуката на Советот на Народната банка, согласно со којашто укинат е надоместокот за издавање податоци на физички лица од Кредитниот регистар за нивната задолженост кон банките и штедилниците.
Сите граѓани коишто ќе имаат потреба, извештајот со податоци од Кредитниот регистар ќе го добиваат бесплатно, информираат од НБРМ.
Извештајот што го издава Народната банка на барање на физичко лице, содржи податоци за износот на обврските и институциите коишто ги имаат пријавено на последниот датум на доставување податоци од страна на банките и штедилниците, како и за категоријата на ризик на кредитната изложеност, според навременоста во подмирувањето на обврските и кредитоспособноста. Покрај ова, извештајот содржи и збирен податок за обврските на барателот како жирант.
Барањата за издавање податоци од Кредитниот регистар се поднесуваат лично од барателот или од полномошник, преку писарницата на Народната банка, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот. Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, во овој период, податоците од Кредитниот регистар се издаваат во вторник и четврток, во периодот од 15 до 16 часот, преку писарницата на Народната банка. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден.
„Активно се работи за да се овозможи доставувањето на барањето и издавањето податоци од Кредитниот регистар понатаму да се одвиваат електронски“, наведе Народната банка.
Со укинувањето на надоместокот за издавање податоци од Кредитниот регистар, Народната банка настојува во овој период и дополнително да придонесе за намалување на финансискиот товар на граѓаните, во согласност со своите надлежности.