Почна судењето за родителите на момчето-убиец од Белград, мајката и таткото во солзи


Во Вишиот суд во Белград почна судењето на таткото и мајката на момчето кое на 3 мај лани уби девет деца и член на обезбедувањето на училиштето „Владислав Рибникар“.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, пред почетокот на судењето изјави дека очекува законско и правично судење.

– Очекувам законско и правично судење, на крајот од кое судот ќе ги осуди обвинетите за кривичните дела што им се ставаат на товар врз основа на предложените докази на обвинителството и ќе ги изрече предложените затворски казни – изјави Ненад Стефановиќ, главен јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, пред почетокот на судењето.

Во Палатата на правдата, пред која има голем број новинари, во придружба на адвокат дојде Миљана Кечмановиќ, мајката на К.К.

Таткото на момчето-убиец Владимир, со лисици на рацете влегол во судницата и поминал покрај Миљана, климајќи ѝ со главата, но тие не оствариле никаква комуникација.

Кога Владимир го донесоа во судницата, Миљана се расплака, а исто така и тој кога седна на обвинителна клупа. Кецмановиќ неколку пати ги бришеше солзите со марамче. Зад нив седеа родителите на жртвите кои дојдоа на судењето, јавуваат српските медиуми.

Судењето беше прекинато на самиот почеток бидејќи обвинителството побара да се исклучи јавноста за да се заштитат малолетниците.

Вишото јавно обвинителство предложи да се исклучи јавноста, но на ова се спротивставија адвокатите на обвинетите Миљана и Владимир.

На судењето беа присутни и сопственикот на стрелиштето каде момчето вежбаше стрелање Ратко Ивановиќ и тренерот Немања Маринковиќ.

Да потсетиме, Миљана Кечмановиќ се товари за кривично дело „Недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, додека Владимир за кривично дело – Тешко дело против општата безбедност“.

При вонредното обраќање на главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, откриено е дека ДНК трагата на Миљана Кечмановиќ била пронајдена на чаура која била пронајдена во близина на вратата во училницата по историја каде на 3 мај нејзиниот син убил девет негови врсници и еден училишен чувар.

За Миљана Кецмановиќ обвинителството предложи затворска казна од 2 години и 6 месеци.