Почина вечниот шармер Ѓорѓе Марјановиќ кој ја испеа незаборавната „Свиреж во осум“


Ѓорѓе Марјановиќ, легендарниот југословенски и српски пејач, почина вчера во текот на денот од последици на вирусот корона, пишува „Блиц“.
Познатиот музичар беше приврзан за апарати за дишење и лекарите се бореа за неговиот живот претходните денови.

Роден во Кучево на 30 октомври 1931 година, завршил средно училиште во Пожаревац, а потоа заминал да студира во Белград (1950 година). Тој ја избрал фармацијата и стигна до апсолвент, но музиката го натерала да тргне по друг пат. Во 1954 година, тој учествува на аудиција за пејачи организирана од Здружението на џез музичари од Белград, но ќе почека уште една година додека неговиот пејачки талент добие признание. Така љубовта кон музиката стана негов животен пат.

Поради тоа што често немал доволно пари, Марјановиќ повремено извршуваше разни работи. Тој не се двоумеше да разнесува млеко… да ги празни вагоните на железничка станица… По природа весел, тој пееше и работеше со неговата незаборавна насмевка. Тој беше убав млад човек полн со животна радост и сила. Работел и во Радио Белград како благајник кога влегува во светот на уметноста, статирајќи на филм и во театар. Неговото пеење беше забележано и Ѓорѓе ја сними (1958) неговата прва песна „Свиреж во осум“ од композиторот Дарко Краљиќ која ги освои сите слушатели. Песната беше емитувана на телевизија и веднаш предизвика воодушевување.

Во Радио Белград, Ѓорѓе се сретна со една убава вработена со продорен глас – Злата Ракиќ, која му рече да потпише договор за да добие хонорар. Станаа пријатели и во 1959 година се венчаа. Отпрвин таа го одби, но не одолеа на неговата упорност. Таа значително влијаеше на неговата кариера. Ѓорѓе го признавал тоа, забележувајќи дека таа го препознала талентот во него. Самата Злата велела дека Ѓорѓе има талент и магична моќ да ја привлече публиката и дека никој не може да ѝ наметне на публиката некој што не поседува такво нешто во себе.

На почетокот на неговата кариера, од срце му помагаше во обликувањето на неговите пејачки способности оперскиот пејач, првенецот на белградската опера, Дарко Пивнички.

Немаше големи вокални способности, но неговото пеење со засипнат глас пленеше со бојата и чувствителноста… Марјановиќ му додаде на своето пеење посебна сценска кореографија станувајќи одличен уметник.

На неговиот настап во Ниш (1958) публиката беше толку воодушевена што не му дозволи да ја напушти сцената. Тој беше збунет не само затоа што не беше подготвен и имаше неколку песни на неговиот репертоар, и немаше со што да продолжи откако ќе го повтори веќе испеаното, туку затоа што не можеше ни да замисли таква еуфорија. Тој скромно ѝ призна на публиката дека не знае повеќе песни. Тоа беше шокантно соочување со славата, со сопствената вредност.

Начинот на кој Ѓорѓе се претстави на публиката беше новина: интензивна чувствителност и подвижност на сцената што го интензивира искуството… Тој владееше со сцената со гестови по кои се памети: микрофон во рака, убедливо обраќање и приближување кон публиката… Подоцна ќе го го видиме како го фрла палтото во публиката, клекнува на сцената… тој ѝ се дава на публиката и тие му се предаваат. 

Во 1959 година, беше објавен неговиот прв албум „Музика за игра“, со песната „Свиреж во осум“.

Следуваат нови песни, секоја е хит, а обожавањето на луѓето расте. Во 1960 година, тој е награден на фестивалот „Опатија“, а во 1961 година не доби никаква награда на фестивалот „Златен микрофон“ во Белград. Публиката беше изненадена и револтирана. Имаше спонтано собирање од неколку илјади луѓе кои го носеа Ѓорѓе од Домот на синдикатите до хотелот „Москва“, каде што застана и почна да им пее за да ги смири. Сите му се придружија. Тоа беше мал концерт за паметење. Ѓорѓе и фановите се споија.

Во 1963 година замина во Русија и таму ја доживеа истата слава. Тој стана најпопуларниот пејач во Русија. Ги полнеше стадионите пеејќи ѝ ги на публиката неговите песни и обработки на француски шансони.

Во Русија во 1965 година ја запознал Ели Николаевна, жената на неговиот живот со која стапил во брак. Нивната љубов, како што обично се случува со популарните личности, беше предмет на јавно преиспитување… но Ѓорѓе никогаш не се покаја. Му роди три деца, беше верна и грижлива животна сопатничка. Таа се грижеше за децата, таа беше столб на семејството во кое живееше само взаемна љубов и разбирање.

60-тите, 70-тите, 80-тите години на 20. век беа време на негова постојана доминација на забавната музичка сцена во Југославија и Русија.

Траеше толку долго со голем број обожаватели, не ја изгуби својата важност дури и со појавата на нови музички правци. Неговите обожаватели не само што не се откажаа од него, туку и новите генерации го почитуваа неговиот уметнички дар. (Блиц)