Бејби Лазања одби 50.000 евра награда од хрватската влада, сака парите да бидат донирани


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на вчерашната седница на техничката влада најави дека сака финансиски да го награди Марко Пуришиќ, познат како Бејби Лазања, по освоеното второ место на овогодишната Евровизија. Хрватските медиуми пишуваат дека било одлучено да му се додели награда од 50.000 евра.

Пуришиќ на неговиот Инстаграм профил објави дека нема да ги прифати парите, поради тоа што има поединци и организиации на кои им се повеќе потребни.

„Го молам господинот Пленковиќ во мое име и на Владата да донира 25.000 евра на Институтот за детска онкологија и хематологија со Дневната болница „Младен Ќепулиќ“. Останатите 25.000 евра би сакал да ги донирам на Институтот за детска хематологија, онкологија и трансплантација на хематопоетски матични клетки, КБЦ Загреб“, објави тој.

Пуришиќ и неговата екипа го освоија второто место на Евровизија оваа година, што е најголем успех за Хрватска во историјата на натпреварот. Учесниците и победниците не добиваат парична награда за успесите постигнати на натпреварот.