Почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и пратеник во Собранието

Рано утрово починал Панчо Минов, познат македонски политичар, кој беше пратеник во Собранието на Македонија и градоначалник на Кавадарци, пренесоа повеќе медиуми.
Тажната вест ја соопшти неговото семејство.
„Со длабока тага и искрена благодарност се простуваме од Панчо Минов, еден од најистакнатите правници, политичари и космополити на нашата држава. Својот живот и работа ги посвети на Кавадарци и Македонија, со четири мандати како пратеник, два како градоначалник, и како дел од првиот парламентарен состав кој донесе одлуката за независна Република Македонија. Во текот на својата политичка патека тој се бореше за правдата и демократијата, оставајќи силна трага преку донесување важни законски и државотворни решенија. Неговиот глас беше стожер за обесправените, особено за земјоделците и обичниот човек. Како градоначалник инспирираше визија што ја надминуваше секојдневната политика, мислејќи ширум, со идеали на соживот, почит и солидарност. Панчо Минов беше пример на јавен службеник со интегритет, знаење и човечност; вистински претставник на народот и животен творец на историјата. Пред сè, беше добар сопруг, татко на две деца и дедо на два внуци — неговата посветеност останува водилка за сите идни генерации. Нека му е вечна слава и нека почива во мир“, стои во објавата на семејството на Минов.
Минов е роден во 1958 во Кавадарци, дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, како и на Правниот факултет – Скопје.
View this post on Instagram
Беше пратеник во Собранието на Македонија во првиот состав, во рамките на Либералната партија во период од 1990 до 1998 година, како дел од ГРОМ во пратеничкиот состав 2016-2020, и како дел од СДСМ во пратеничкиот состав 2020-2024. Беше и градоначалник на Општина Кавадарци во два мандата, од 2000 до 2005 година, како дел од Либералната партија, и од 2005 до 2009 како независен.
На социјалните мрежи од Минов се простуваат негови блиски и пријатели.