Почина Јаким Ивановски, „молчаливиот“ пратеник и човекот кој ја осамостои Стопанска банка – Битола
Во 88-та година од животот во Скопје, почина м-р Јаким Ивановски македонски стопанственик, општественик.
Јакимовски е добро познат во стручната и политичката јавност во земјава, беше пратеник во два мандати, успешен банкар и долгогодишен директор на Стопанска банка – Битола, во чиј мандат оваа банка се осамостои, односно почна да функционира како посебно правно лице.
Новинарите кои што го следea работењето на македонското Собрание, особено оние од економската сфера, го паметат Јакимовски како „молчаливиот“ пратеник, бидејќи не се јавуваше за дискусија на пленарните седници. Но, наспроти тоа, Јакимовски беше еден од најактивните во работењето на собраниските комисии, особено во Комисијата за финансирање и буџет, каде што буквално немаше законски предлог кој можеше да ги заобиколи неговите анализи, амандмани и предлози. Остроумен и прецизен во „чешлањето“ на законите од економската сфера, а пред се оние од областа на монетарната политика и банкарското работење, неговите дискусии често беа извонредна основа за новинарски теми.
Роден е во село Лазарополе, во 1933 год. Дипломирал и магистрирал на Економскиот факултет во Скопје. Во тек на својот работен век извршувал бројни функции: директор на Индустријата за кожи „Борис Кидрич“ – Битола, претседател на Извршниот одбор на општина Битола (1974-1979), функционер во органите на Стопанската комора на СФРЈ и СРМ.
М-р Јаким Ивановски бил пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на Либералната партија во првиот и вториот парламентарен состав (1990-1998).
Во 1978 година бил именуван за индивидуален работоводен орган на Стопанска Банка-Основна Банка-Битола и оваа функција ја извршува во два мандати до 1995 година. По издвојувањето од Стопанска банка -здружена банка Скопје, беше именуван за генерален директор на Стопанска банка а.д. Битола, функција која ја обавуваше до пензионирањето во 2008 година со навршени 51 година работен стаж.
Во овој период банката што ја раководи, од списанието „Finance Central Europe“ три години по ред (2003, 2004 и 2005) е прогласувана за најдобра банка во Македонија, а директорот три пати едноподруго е носител на престижната титула „Банкар на годината“. Беше член на управниот одбор на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија, како и бројни здруженија од овааа област, а неговата лична и професионална експертиза беше исклучително ценета од банкарската, финансовата и стопанската фела на Македонија.