Почина Благоја Сотировски-Џагуре, основоположник на бонсаи-културата и трикратен шампион на Македонија во шах


Почина Благоја Сотировски-Џагуре, основоположник на бонсаи-културата и трикратен шампион на Македонија во шах, најмладиот со оваа титула во земјава што првпат ја освои како 19-годишник. Имаше 93 години.

Сотировски првата шаховска шампионска титула ја освои во 1951. Негови први противници биле легендите на македонскиот шах од периодот пред Втората светска војна, меѓу кои и Павле Бидев, првиот шампион на Македонија, како и инженер Георги Полјаков, Виктор Заљевски, Ајдинов, Трајко Георгиевски. Втората титула ја осво во 1953, а третата во 1954, кога се појави и новата генерација македонски шахисти меѓу кои и Борче Илиевски, Јован Софревски, Евгени Мартиновски, Киро Данов, а во 1958 ја имаше првата средба со Боби Фишер, тогаш 15-годишно шаховско чудо од дете кој подоцна стана неприкосновен светски шаховски шампион. Џагуре беше и победник на Отвореното првенство на Вашингтон во 1972.

Сотировски долги година работел на хортикултурно уредување на дворови, паркови и на градини во САД. Таму и дознал дека во Македонија се наоѓа едно од ретки бонсаи дрвца – македонската „зеленика вардарска долина“. Бонсаи е уметност на естетска минијатуризација на дрва преку на нивно растење во садови. На јапонски бонсаи значи засадено во сад. Кинезите биле први кои минијатуризирале дрва во саксии, и тоа 200 години пред нашата ера, а од Кина потоа оваа практика се проширила во Јапонија.

По враќањето од САД, Сотировски почнува да ги одгледува овие дрвца, во неговата колекција има над 400 бонсаи дрвца, некои стари и до 250 години, а вредноста на збирката е проценета на над милион евра. Во првата деценија на 2000-тите ја отвори и првата бонсаи градина во скопскиот Градски парк.

Неговиот син, д-р Кирил Сотировски, е професор на Факултетот за шумарски науки, за пејзажна архитектура и екоинженеринг.