По шокантните избори во Шпанија Педро Санчез на пат да остане премиер
Лидерот на социјалистите може да го зачува премиерското место ако успее да обезбеди поддршка од различните политички групи. Победникот на изборите, Аелберто Феихо има најмал маневарски простор
МАДРИД – Ако мислевте дека политичката драма во Шпанија ќе заврши со националните избори во недела, размислете повторно.
Неубедливото национално гласање резултираше со поделен парламент без јасно владејачко мнозинство. Централнодесничарската Народна партија (ПП) обезбеди најмногу гласови, но нема ни приближно доволно места за да формира влада сама, па дури и со крајнодесничарската партија Вокс, нејзиниот претпочитан коалициски партнер.
Во неделата вечерта, конзервативниот лидер Алберто Нуњез Феихо рече дека ќе се обиде да формира малцинска влада и побара „никој да не биде во искушение да ја блокира Шпанија“.
Феихо тврдеше дека земјата отсекогаш била управувана од лидер кој обезбедил најмногу гласови и инсистираше на тоа дека идната влада треба да биде „во согласност со изборната победа“.
Но, во парламентарните демократии како Шпанија, шефот на владата не е нужно личноста која ќе освои најмногу гласови на изборите, туку тој што може да обезбеди поддршка од најголемиот дел од пратениците – и во моментов Феихо ја нема потребната поддршка за да ја направи неговата кандидатура за премиер остварлива.
Лидерот на социјалистите и актуелен премиер Педро Санчез, пак, има можен – иако исклучително сложен – пат до победата.
Социјалистите на Санчез и неговите омилени партнери, левичарската коалиција Сумар на Јоланда Диаз, контролираат 153 места во парламентот. Иако левичарските сојузници веројатно нема да ја обезбедат поддршката од 176-те пратеници потребни за Санчез да биде потврден за премиер првиот пат кога новиот парламент ќе гласа за ова прашање, тие би можеле да се обидат за време на вториот круг гласање, во кој кандидатот за шеф на новата влада мора да добие повеќе „да“ отколку против.
Но, Санчез ќе мора брзо да се придвижи за да докаже дека неговата желба да остане на власт е реална.
Сопреброени 100% од гласовите, ПП освои 136 места наспроти 122 на ПСОЕ. Потенцијалните коалициски партнери на конзервативците во екстремно десничарската партија Вокс освоија 33 места – значително помалку од 52-те што ги освоија на последните избори – а сојузниците на ПСОЕ , левичарите од Сумар се на четвртото со 31 пратеник.
Овие резултати се успех за Педро Санчез. Сите анкети предвидуваа дека разликата меѓу ПП и ПСОЕ ќе биде много поголема, за таа да се сведе. Според резултатите, на 1,4 отсто.
Пауза, па посета кај кралот
По исцрпувачката кампања која се карактеризираше со грди, лични напади, на сите им треба да здивнат. Така, исто толку добро е што шпанскиот парламент треба повторно да се свика на 17 август, кога пратениците ќе положат заклетва.
Но, штом парламентот повторно ќе заседава, Санчез ќе мора да ја отстрани првичната кралска пречка.
Во деновите по почетокот на новата парламентарна седница, шпанскиот крал Фелипе Шести ќе ги повика лидерите на политичките групи на консултации во палатата Зарзуела и ќе ги испита кој според нив има најголема поддршка за формирање влада.
Феихо ќе притисне за својот случај и ќе инсистира, како лидер на партијата што доби најмногу гласови, тој да биде именуван за кандидат за следен премиер.
Иако досега шпанскиот премиер навистина отсекогаш бил политичарот кој собрал најмногу гласови на изборите, Пабло Симон, политиколог од мадридскиот универзитет Карлос III, рече дека одговорноста на кралот ќе биде да му го довери формирањето нова влада на кој и да е лидер што може да покаже дека има поддршка да ги надмине гласовите за инвеститура во шпанскиот парламент.
„Кралот е претпазлив и ќе ги следи правилата утврдени во уставот“, рече Симон. „Со други зборови, тој ќе одреди влада од личноста чија кандидатура е остварлива“.
Така, Санчез ќе треба да се погрижи кога ќе се појави во палатата Зарзуела, да го направи тоа со убедлив список на поддржувачи, по можност со неколку други партиски лидери кои отворено ќе кажат дека поддржуваат неговата кандидатура.
Санчез доцна во неделата рече дека „реакционерните“ партии на шпанската десница не успеале на гласачките места.
„Освоивме повеќе гласови, повеќе места и поголем дел од гласовите отколку пред четири години“, им рече тој на толпата собрани пред седиштето на ПСОЕ во Мадрид.
„Ретроградниот, реакционерен блок што се обидуваше да го поништи напредокот во изминатите четири години, не успеа“.
Лидерот на ПП, Феихо, им се заблагодари на оние кои и помогнаа на неговата партија да победи и рече дека има намера да се обиде да формира влада што е можно поскоро.
„Наша должност сега е да го запреме периодот на неизвесност што се отвора во Шпанија“, рече тој. „Како кандидат за партијата која освои најмногу гласови, верувам дека моја должност е да го отворам дијалогот што е можно поскоро и да се обидам да управувам со нашата земја во согласност со изборните резултати и изборната победа“.
Епска трговија
Доколку Санчез успее и кралот го именува за кандидат за следен премиер на Шпанија, тој ќе има неколку недели да преговара со потенцијалните поддржувачи.
Во 2019 година, Санчез успеа да ја формира првата шпанска левичарска коалициска влада со склучување договори со регионалните партии кои ја поддржаа неговата кандидатура во парламентот во замена за отстапки во форма на инфраструктура како нови железници или болници.
Но, на овие избори со високи влогови, гласачите избраа да ги поддржат поголемите партии, а помалите како движењето на граѓани Теруел Ежисте – кое беше клучно за победата на Санчез во 2019 година – ги загубија своите места во парламентот.
Овојпат, на Санчез ќе му бидат потребни баскиски и каталонски сепаратистички групи како ЕХ Билду и Републиканската левица од Каталонија за да гласаат за неговата кандидатура. Тој, исто така, ќе треба да ја убеди Жунтс – партијата основана од поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон – да не гласа против него.
Иако левичарската коалициска влада на Санчез се обиде да ги поправи врските и да заземе помек пристап со каталонските сепаратисти во последните четири години, односите во никој случај не се идеални.
Пуџдемон, кој побегна од Шпанија веднаш по референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, останува во самонаметнат егзил во Белгија. На политичарот, кој моментално е член на Европскиот парламент, неодамна највисокиот суд на ЕУ му го одзеде правниот имунитет, што го отвори патот за негова екстрадиција во Шпанија.
Во неделата, кандидатката на Жунтс, Миријам Ногуерас, изјави за печатот дека нејзината партија „го разбрала резултатот“ и дека „ќе ја искористи можноста“.
Но, таа сигнализираше дека преговорите со социјалистите нема да бидат лесни и дека позитивниот исход во никој случај не е сигурен.
„Ова е можност за промени, за враќање на единството“, рече таа. „Но, нема да го направиме Педро Санчез премиер во замена за ништо“.
Што понатаму за Санчез и Феихо
Доколку биде побарано од Санчез да формира влада, но не ја добие потребната поддршка во парламентот, Шпанија најверојатно ќе се соочи со нови избори.
Феихо може да го притисне кралот да му дозволи да се обиде да формира влада ако кандидатурата на Санчез не успее. Но, неговата поддршка во парламентот веројатно нема драматично да се промени во следните неколку месеци, што значи дека тој веројатно нема да ја има потребната поддршка за да успее.
Згора на тоа, ако Санчез ги загуби гласовите во парламентот, Феихо може да одлучи дека е подобро да чека нови избори на кои ќе може да тврди дека неговиот противкандидат потроши време на сите и ја остави Шпанија без ефективна влада цела сезона.
Шпанскиот устав налага дека кралот е должен да го распушти законодавното тело два месеци по првото неуспешно гласање. Имајќи предвид дека новото гласање мора да се одржи 54 дена по завршувањето на законодавниот дом, доколку Санчез не успее да ја обезбеди поддршката од парламентот, Шпанците повторно ќе излезат на избори на крајот на оваа година или, поверојатно, на почетокот на 2024 година.
Сè додека парламентот не го потврди новиот премиер, Санчез ќе остане на чело на владата на техничка позиција со ограничени овластувања: Не може да се усвојат нови закони освен во итни случаи.
Тоа значи дека, што и да се случи, Санчез е на пат да остане премиер на Шпанија во догледна иднина – но што е следно за лидерот на Народната партија Феихо е помалку јасно.
Иако ПП постојано водеше во анкетите и водеше агресивна кампања, партијата претрпе лоша последна недела бидејќи фокусот се префрли на Феихо. Тој беше оставен да изгледа чудно и недоверливо откако неговите тврдења за досието на ПП за пензиите се покажаа како невистинити, а потоа беше критикуван за сексистички тон со очигледна референца за шминката на левичарката Дијаз.
Кога Феихо се обиде да одржи говор пред поддржувачите во неделата вечерта, тие го надгласаа конзервативниот политичар извикувајќи го името на популистичката регионална претседателка на Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо.
Пред изборите Ајусо, која е многу популарна меѓу гласачите на Народната партија, имплицираше дека нејзината поддршка за раководството на Феихо е поврзана со неговата победа на овие избори.
И покрај тоа што постигна најмногу гласови, сега може да биде прашање дали Феихо ја исполнил својата мисија. (Политико, Гардијан)