По два класа матуранти од Битола годишно заминуваат на студии во Словенија


Гимназијата „Јосип Броз Тито“

Со години наназад најмалку по 60 млади битолчани заминуваат на студии во Словенија. Претходно во Битола го изучуваат словенечкиот јазик. Државата Словенија им помага да се подготват за студирањето

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – „Словенија ни е како дома. Студираме во Европа, а сме блиску до Македонија“, вака млади битолчани со една мисла го опишуваат студирањето во Словенија.

Голем е бројот на матуранти од Битола кои секоја година се запишуваат на универзитетите во Љубљана, Марибор, Копер. Од гимназијата „Јосип Броз Тито“ по речиси два од вкупно шест класа во генерација се запишуваат на факултетите во Словенија, а има и по неколку  матуранти од Средното медицинско училиште, Економското и гимназијата „Таки Даскало“. Тоа во бројки би значело по околу 60 матуранти од градот годишно се одлучуваат за студии во Словенија.

Врските меѓу Битола и Словенија се силни и со традиција, велат од Словенечко здружение „Триглав“ во Битола, каде младите битолчани го изучуваат словенечкиот јазик.

„Секоја година помеѓу 50 до 60 млади од Битола се запишуваат на факултет во Словенија. Има и од околните градови Прилеп, Ресен, но најмногу се битолчани. Тоа се солидни ученици претежно од Горната гимназија (така во Битола се нарекува „Јосип Броз Тито“), кои сакаат да студираат информатика, медицина, архитектура. Исто има голем интерес за природните науки. Кај мене на курс доаѓаат неколку години порано. Претходните генерации доаѓаа трета и четврта година, ама им кажувам на сите дека ако сакаат медицина, стоматологија, фармација треба најмалку три години да се изучува јазикот. Сега веќе од прва година средно доаѓаат на курс“, вели Милена Пинза, наставничка по словенечки јазик во Словенечко здружение „Триглав“, именувана од министерство за образование и култура на Словенија.

Битолчани се успешни студенти во Словенија, за што здружението „Триглав“ добило потврда од тамошното министерство за образование и словенечката амбасада во нашата земја.

„Словенечката држава ни испрати писмо со кое ни потврдува дека е задоволна од нашите битолчани, има студенти кои се врв. Тие се успешни млади луѓе, кои по студирањето имаат можност таму да работат“, вели Пинза.

Битолчани си имаат своја „колонија“ во Словенија, велат младите.

Од гимназиските ходници во Битола во студенстките коридори во Словенија

Словенечки се учи на време и младите точно знаат на кој факултет ќе студираат. Студиите во Словенија имаат многу предности, велат младите, универзитетите котираат високо на ранг-листите во светот, Словенија вложува во младите и во образованието, нашите студенти таму се третираат како домашни студенти, со сите поволности, а студентскиот стандард е далеку повисок од нашиот.

„Уште во средно сама одлучив да се запишам на студии во Словенија, избрав информатика, програмирање и ми го препорачаа Универзитетот во Марибор. Студентите од Македонија овде имаат третман на домашни, со сите поволности“, вели битолчанката Симона Силјановска.

Не само што студираат, туку битолчани и за магистерски и докторски науки  повторно ја избираат Словенија.

„Асистент сум на Факултетот за општествени науки и сум на докторски студии за антитероризам, а претходно магистрирав на истиот факултет. Студентските денови беа едни од клучните преломи во мојот живот, а верувам тоа е така кај секој млад човек. По завршувањето на студиите во Скопје, во 2016 решив да го продолжам моето образование во Љубљана. Да се студира во Словенија за мене како македонски државјанин беше навистина пријатно, гледајќи од аспект на условите кои Словенија ги нуди за студентите како и третманот и почитувањето на нашата држава и нашата традиција. Словенската култура, јазик, начин на живот и систем на вредности ја зголемија мојата љубопитност за спознавањето на туѓото, новото, неискусеното“, вели битолчанката Теодора Ристевска.

Словенечкото образование е неспоредливо со нашето, согласни се битолчани.

„Дури да заминам во Словенија некако се имав помирено со сите пропусти на образовниот систем во Македонија, едноставно бев навикната. Не мислев дека можам нешто да променам ниту пак самата држава ме направила да се почувствувам како вистински студент кој може нешто да промени на подобро. Во Словенија образовниот систем функционира правилно, на што јас не бев навикната, и можеби од таму ми е целата фасцинираност кон Словенија. Нема адиминистративни пропусти по факултетите и има многу добра соработка меѓу студентите, професорите и администрацијата на факултетите“, вели Јована Мисирлиевски, која помина еден семестар додипломски студии во Љубљана.

Во гимназијата „Јосип Брз Тито“ во Битола веќе години наназад добар дел од училишната библиотека се полни со книги на словенечки јазик, превод на словенечката литература. Најголем дел од нив беа донирани од сега екс-амбасадорот на Словенија во нашата државата Милан Јазбец, со намера преку донираните книги идните средношколци да имаат можност повеќе да се запознаат со словенечкиот јазик и култура.

„Амбасадорот Јазбец донираше книги на словенечки јазик, како и книга поезија напишана на словенечки и на македонски јазик, која кај учениците привлече особено внимание. Ги споредуваат двата јазика. Во библиотеката имаме рекламни брошури за универзитетите во Љубљана и Марибор. Самите деца што студираат во Словенија се најголемата реклама за тамошните универзитети, и тука нема простор за блеф“, вели Драган Ристевски, библиотекар во гимназијата „Јосип Броз Тито“, магистер од областа на надарени и талентирани ученици.

Библиотекарот Драган Ристевски пред словенечкото катче во гимназијата „Јосип Броз Тито“

И не само за на студии, битолчани последните години и за средно образование се одлучуваат да заминат во Словенија.

„Интересно е да се каже дека дури три деца годинава заминаа на школување во словенечките гимназии. Таму живеат во дом за средношколци. Тие се успешни деца и Словенците тоа го ценат им ги дадоа сите поволности. Еден е пливач, друг е млад иноватор со награди за своите изуми, а третото дете е со роднини во Марибор и се запиша во гимназија насочена на информатика“, вели наставничката по словенечки јазик Милена Пинза.

Во Битола живеат десетици семејства со словенечко потекло. Здружението „Триглав“ брои околу 80 членови  и работи на зацврстување на македонско-словенечката соработка, во делот на образование и култура.

„Нашето здружение е под закрила на канцеларијата на владата на Словенија за Словенците кои што се во соседството и по светот. Функционираме од 2007 година и како Словенци што живееме во Битола имаме одлична соработка со битолчани. Двата народи сме блиски во менталитетот, впрочем живеевме во една иста држава. Ја зацврстуваме соработката особено на полето на културата и образованието. А за оние со словенечко потекло што претендираат да земат словенечко државјанство покрај другите услови мора да бидат активни членови на здружението најмалку 5 години“, вели Тања Франц, претседател на здружението „Триглав“.