По 60 години обновено училиштето во Заполжани


Училиштето „Пецо Даскалот“ во Заполжани е реновирано по 60 години, а во него, од септември, ќе учат 13 ученици.

– Токму тука, 13 деца од оваа учебна година ќе можат да ја следат наставата во нови училишни клупи, со нов прибор, во нови простории комплетно реновирани, саниран кров, како и нови тоалети со воспоставување на нов водовод и канализација, но и пристапни патеки. Преку проектот за изградба на инфраструктура за социјална инклузија и едукација на деца од рурални подрачја во Пелагонискиот регион се обидуваме да ја намалиме миграцијата од село во град. Со овие проекти освен во образованието вложуваме и во здравството, животната средина со цел еднакво општество за сите и во урбаните и во руралните средини, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

– Навистина сум среќна што денеска сме овде во обновеното училиште кое доби целосно нов и современ изглед, а учениците од септември учебната година ќе ја започнат, како што доликува, во безбедни и достоинствени услови. Со осовременување на училишните објекти и обезбедување на современи услови за настава ги задржуваме младите во своите родни места со што придонесуваме за рамномерен развој на целата држава – рече министерката за образование Мила Царовска.

Согласно проектот реконструиран е објект со опфат од околу 300 м2, односно две училници, наставничка канцеларија, помошни објекти за одвивање на практична настава, како и помошни управни простории.

Министерката за одбрана Шекеринска рече дека при разговор со жителите, едно од децата во селото Заполжани и ја кажало неговата неостварена желба – училиштето да се реновира – и така почнало да се размислува за можноста за реконструкција.

– Ова се моментите кога навистина човек е среќен и задоволен што можел некои работи во својата земја, за своите граѓани, за своите блиски да ги направи подобри. Пред нешто повеќе од една година, разговаравме со жителите на ова село, разговаравме со нивните деца, ги слушнавме нивните апели дека сакаат да останат дома, дека сакаат ова село да продолжи да биде живо и активно, меѓутоа за селото да живее, треба децата да одат во пристојно училиште. И, навистина ставот и мој и на моите колеги беше дека апсолутно состојбата на тогашното мало, запуштено, занемнарено училиште е неприфатлива – рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Проектот го спроведува Министерството за локална самоуправа, при што од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, во прва фаза се издвоени над пет милиони денари, а во втора фаза над еден милион денари.