По 26 години Венизелос го напушта грчкиот Парламент


Дами и господа пратеници, денешната седница е последна на која учествувам како дел од членовите на Парламентот на Грција, бидејќи е сигурно дека во следниот период нема да бидам член на Парламентот, рече Евангелос Венизелос, поранешниот претседател на ПАСОК, на почетокот од неговиот проштален говор пред пратениците.

Иако неговата матична партија Движење на промена реши оваа седмица да биде отсутна од расправите на кои што се гласаат закони, сепак Венизелос беше присутен и побара збор за на неговите колеги да им се обрати за последен пат, јави дописничката на МИА од Атина.

-Го напуштам грчкиот парламент по 26 години континуиран и непрекинат мандат. Бев избран за пратеник од Солун, во десет различни изборни процеси, многу пати прв на листата во изборот на граѓаните. Бев 17 години на должност во владата и владиното мнозинство на различни министерски позиции, сѐ до позицијата на потпретседател на владата и коалиционен партнер, рече Венизелос во неговиот проштален говор им се заблагодари на сите и порача дека „нема да биде дел од следниот Парламент, но секогаш ќе биде борбен и активен граѓанин“.

Како што во саботата објави МИА, поранешниот претседател на ПАСОК во пресрет на предвремените парламентарни избори во Грција, по средбата со лидерката на Движењето на промена (коалицијата на ПАСОК), Фофи Генимата рече дека ја напушта партијата поради несогласувања.