По 17 години Трубарево доби пречистителна станица и функционална канализација

Населеното место Трубарево во скопската Општина Гази Баба, по 17 години доби функционална канализација и пречистителна станица, со што конечно се реши проблемот на жителите од ова место.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски рече дека конечно се ставило крај на најголемиот проблем со кој се соочуваа граѓаните цели 17 години, дека септичките јами ќе бидат минато, а со тоа ќе добијат достојни услови за живот.

Системот е со вкупна должина од седум километри од кои примарни и секундарни линии се изведени во должина од пет километри.

„Имавме голем број на предизвици и проблеми, посебно во потисниот цевковод кој што е стар 17 години и кој беше комплетно оштетен и нефункционален. Дефектот на потисната цевка е отстранет и вратен во функција. Дополнително поставивме четири нови шахти на улица „2“ кои придонесуваат за  ефикасност на функционалноста на системот“, рече Георгиевски.

Системот е ставен во функција и сите примарни и секундарни краци со што се поврза на едно место, а со тоа, се изврши поврзување со последната препумпна станица која ги исфрла фекалните води под колосеците на железничката пруга и реката Вардар. 

„Опремувањето на последната препумпна станица е завршена сега до крајот на мај, која се наоѓа на улицата број „2“. Со завршувањето на последната препумпна станица и сите краци што водат кон неа, се овозможува голем број на корисници да почнат да ја користат фекалната мрежа, а домаќинствата кои не се дел од мрежата, ќе бидат приклучени“, рече Георгиевски.

Сите улици кои беа ископани за да се постави мрежата, повторно се асфалтирани и вратени во целосна функција освен уште две до три улици на кои се работеше во изминатите месеци, а кои ќе бидат асфалтирани.

„Комплетниот проект за изградба на фекалниот колектор е реализиран со околу 35 милиони  денари, средства на Општината. Дополнително се предвидени и нови шест милиони денари за во наредниот период за да се приклучат уште две маала во ова населено место кои не се приклучени на колекторскиот систем и тоа бесплатно од страна на Општината до нивниот двор“, рече Георгиевски.