Платежните картички ќе се издаваат до 18 јули, а ќе се користат до 15 август


Платежните картички ќе се користат до 15 август годинава, наместо до 31 јули како што до сега беше предвидено, се вели во Уредбата што ја донесе Владата на вчерашната седница. Истовремено, наместо до 3 јули, тие ќе се издаваат до 18 јули.

Оваа измена веќе е објавена во „Службен весник“ и е стапена во сила.

Практично, измените се однесуваат на два члена на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.

Така, наместо да се издаваат до 3 јули годинава, рокот се пролонгира до 18 јули, а рокот за користење на картичките  од 31јули се пролонгира до 15 август годинава.

Како што е познато, банките во наредниот период ќе треба да изготват над 325 илјади картички и за нив да отворат наменски сметки за граѓаните кои ги исполнуваат условите за финансиската помош што ќе ја доделува Владата.

Платежните картички од 9.000 денари ќе ги добијат невработените лица активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош, а по 3.000 денари ќе добијат младите лица и вработени со месечна примања до 15.000 денари. За платежните картички нема да се аплицира, туку врз основа на податоците со кои располагаат државните институции, како што е Управата за јавни приходи, граѓаните ќе ги добиваат овие картички, за што ќе бидат известени од банките.

Неофицијално, граѓаните кои нема да се најдат на списоците кои се доставени до банките, доколку ги исполнуваат условите, ќе треба да се обратат до Генералниот секретаријат на Владата.