Платежна картичка треба да добијат и студентите во приватните универзитети, вели Заев


Домашна платежна картичка и финансиска поддршка по 3.000 денари треба да добијат и студентите во приватните универзитети во земјава, изјави денес претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Во последните материјали што ги читав како документи кои што отидоа и на нашите економски совети, формулациите во уредбата гарантираа дека се предвидени и приватните универзитети. Верувам дека ќе се направи поправка затоа што треба да ги помогнеме сите студенти кои што студираат во државата“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата посветена на домашната платежна картичка.

Тој додаде дека мерката не треба да се прошири и на студентите кои студираат надвор од државата.
„Некои од нив се веќе стипендирани од државата, некои од земјите пријатели врз основа на билатералните договори во областа на образованието, но и заради тоа што дел од тие студенти се од побогати семејства кои не спаѓаат под просекот кој што се предвидува“, рече Заев.

Тој додаде дека очекува измени на уредбата, односно нејзино допрецизирање за да може да важи за сите студенти без разлика дали се во државните или во приватните универзитети.

„Ние ги помагаме студентите како граѓани на оваа земја“, рече Заев.

Вчера со вакво барање јавно истапија и приватните универзитети откако за тоа се дискутирало и на последната седница на Конференцијата на приватни високообразовни установи.

– Тоа значи дека оваа поддршка не може да ја добијат студентите на приватните високообразовни установи, со што тие се ставаат во нерамноправна положба. Со тоа се крши уставното право на студентите да ги имаат истите можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на вирусна пандемија и загрозена егзистенција на нивните семејства поради економските последици од здравствената криза, еднакво како и студентите од јавните универзитети, реагираа приватните високошколски установи.

Со постојната Уредба се предвидува домашна картичка да добијат 87.014 млади лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование, кои ќе добијат еднократно по 3.000 денари. (М.Ј.)