Планирал да ја дигне во воздух берзата во Њујорк, за да ја „ресетира“ владата на САД


Американската полиција уапсила синоќа лице осомничено за подготовка да постави експлозивна направа во Њујоршката берза неделава за да ја „ресетира“ владата на САД.

Полицијата дознала за неговите планови во прикриена операција.

Харун Абдул-Малик Јенер (30) од Флорида е уапсен по повеќемесечна истрага спроведена од агенти на Федералното биро за истраги (ФБИ), на кои наводно им побарал помош да најде компоненти за експлозив, со цел да направи импровизирана бомба од цевка. Јенер верувал дека прикриените агенти се членови на паравоена група во која сакал да се зачлени.

Според ФБИ, осомничениот планирал експлозијата за да предизвика „ресетирање“ на власта во САД.

Тој им изјавил на агентите дека го избрал објектот на Њујоршката берза, бидејќи таков чин „би бил поддржан од многу луѓе“, открива ФБИ во соопштение.

– Јас сè видов одвнатре, ја знам поставеноста, таму речиси и да нема обезбедување“, изјавил тој подоцна на агентите.

ФБИ соопшти дека при претрес на магацин што му припаѓал на Јенер биле пронајдени скици на бомби, тајмери, матични плочи од компјутери и други електронски компоненти „што може да се користат за изработка на експлозивни направи“.

Анализата на историјата на пребарувачот на Јенер, извршена со судски налог за претрес, покажала дека од 2017 година посетувал страници „поврзани со изработка на бомби“. Дополнително, во неговите пораки и електронска пошта биле пронајдени и разговори на оваа тема.