„Пју“: Во светот расте државниот притисок врз религиите


САД Во текот на декадата од 2007 до 2017 година, владините ограничувања на религијата – закони, политики и активности на државните службеници кои ги ограничуваат верските верувања и практики – значително се зголемија низ целиот свет. И социјалните непријателства, вклучително и насилство и вознемирување од страна на приватни лица, организации или групи – исто така, пораснаа од 2007 година, кога Истражувачкиот центар „Пју“ (Pew) започна да го следи овој проблем.

Во најновиот извештај „Пју“ се наведува дека државното ограничувања на слободното изразување на верата насекаде во светот се зголемува, а муслиманските земји и понатаму се најстроги во однос на религијата.

Авганистан, Бахреин и Бангладеш се првите три држави во светот каде религијата има владина поддршка, додека на четврто место е Грција каде православието е „доминантна религија“ и државата го финансира образованието и платите на свештените лица. На петто место е Исланд, каде Владата финансиски ја поддржува Лутеранската црква, додека другите религии не добиваат финансиска помош.

Потоа следат Ирак, Кувајт, Малезија, Малдиви, Мавританија, Мароко, Оман, Пакистан, Палестинските автономни територии, Саудиска Арабија, Судан, Велика Британија (каде монархот е и поглавар на Англиканската црква) и оспоруваната територија Западна Сахара.

Во период од 2007 до 2017 година ограничување на религијата, вклучително и општествено непријателство – вознемирување и насилство од страна на приватни лица, организации или групи е забележано во 52 земји, меѓу кои Кина, Индонезија и Русија каде има „тешки“ или „многу тешки“ ограничувања на вероисповед. Во таа категорија во 2007 година биле 40 држави.

Забележано е и зголемување на бројот на земји од 29 на 56 каде е регистрирано вознемирување поради верата.

Обично, владините регулативи се најраспространети, вклучително и закони со кои се ограничува религиозната слобода, на пример со барање да се регистрираат религиозните групи, а владата поддржува одредена религија преку буџетско финансирање. На глобално ниво, тоа е зголемено за 20 проценти во периодот од 2007 до 2017 година.

Што се однесува до социјалното непријателство, во извештајот на „Пју“, се посочува дека е зголемено вознемирувањето, поврзано со религиозните норми, на пример кон жените кои не се облекуваат според каноните на верата.

Ограничувањата во Блиски Исток и северна Африка тоа е највисоко, но истражувањето покажува оти тоа е зголемено и во Европа поради преземените мерки за исламската женска облека и во Субсахарска Африка поради нападите на милитантните религиозни групи.

Во блискоисточните земјите воглавно владата поддржува само една религија. Деветнаесет од 20 држави, со исклучок на Либан, преферираат одредена религија како официјална или претпочитана. Израел е единствената држава каде исламот не е религијата.

Додека Франција и Катар имаат високи индикатори за владини ограничувања на верата. Во европската држава тоа е поради забраната за носење на женска муслиманска облека додека во Катар тоа е поради што исламот е официјална државна религија.

Истражувањето на „Пју“ се темели на десетици јавно објавени извештаи, вклучително и извештај на Стејт департментот, Комисијата за меѓународни религиозни слободи, организации на Европска унија и на Обединети нации, како и на неколку независни институции.