Пикантен турски специјалитет за чиста десетка
Соган долма е популарен турски рецепт, а тоа е полнет кромид кој најчесто се служи како предјадење. Уживајте!
Eдно од најпознатите, но и најпопуларните јадења во турската кујна е соган долма. Така се нарекува полнетиот кромид кој турските домаќинки често го подготвуваат, а најчесто се служи како предјадење, иако може да се послужи и за ручек. Овој специјалитет се полни со мелено месо и ориз, а доколку сакате да му го подобрите вкусот, можете да додадете и сланина.
Состојки:
500 гр мелено месо
200 гр ориз
10 глави кромид
1/2 лута пиперка
За прскање:
2 лажички брашно
1 лажичка слатка пиперка
вода по потреба
Подготовка:
Кромидот бланширајте го кратко во зовриена вода околу 5 минути. После тоа, префрлете го во ладна вода. Кога ќе се олади, внимателно вадете по еден лист од средината (прстените), по можност за да останат цели. Надворешните оставете ги за фил, а внатрешните исечкајте ги и пропржете ги на масло. Додадете мелено месо, сечканата лута пиперка, зачинете по желба, па измешајте. Кон крајот додадете го оризот кој претходно сте го измиле. Лесно наполнете ги прстените кромид и наредете ги во тавата. Измешајте ја водата со слатката пиперка, па прелијте ја врз кромидот. Покријте и динстајте додека не испари водата, околу половина час. Направете паста од брашно, пиперка и вода, потоа прелијте ја и ставете ја во рерна на 180°C околу 10 минути.