Петков не е Наполеон – никој нема да го чека 100 дена
Три недели откако почна да функционира, владата на Кирил Петков се чини сѐ уште не почнала со работа
Како и да гледате, Кирил Петков не е Наполеон и не треба да чекаме 100 дена да видиме што ќе прави новата влада, е оценката денес на бугарскиот медум „Сега“ пред средбата на Советот за национална безбедност.
„Нема време за чекање – Бугарија е заробена во кризи кои тешко се бројат. Државата се соочува со нов бран на ковид – и покрај разговорите на Петков со професор Радка Аргирова и покрај заканите за проверка на потврдите на починатите, продолжуваме да имаме ниска стапка на вакцинација. Буџет нема, но веќе се одлеале две милијарди лева за деловни компензации и додатоци на пензија, па се зборува за ребаланс на недонесениот буџет во јуни. Сè уште се расправаме со Скопје, во студена војна сме со Москва, а поранешниот привремен премиер – актуелен министер за одбрана , започна спор со САД кои се залагаат за зголемено присуство на НАТО во нашата земја. И повеќе од тоа – цените на енергенсите се под мораториум и мора некако да се зголемат по 100-те дена што си ги дадоа Кирил Петков и неговата партија ПП. Доаѓа и инфлациски притисок, министерот за финансии Асен Василев тврди дека „најкризниот месец за Бугарија во однос на инфлацијата ќе биде март или април.
Инаку, 100-те дена на Наполеон започнаа насилно и завршија неуспешно. Полека почнаа 100-те дена на Кирил Петков и не е јасно како ќе завршат. Три недели откако почна да функционира, владата на Кирил Петков се чини сѐ уште не почнала со работа. Сѐ уште е кабинет во иднина – министрите сѐ уште зборуваат за нивните намери. Подоцна ќе има бесплатни градинки, сѐ уште не се санирани последиците од поплавите од почетокот на декември, не е воведен зелениот сертификат како влез во зградата на Министерскиот совет.
Вицепремиерот и регионален министер Гроздан Караѓов зборуваше за „четиригодишна програма за 100% реновирање на патиштата за да бидат во состојбата како во Централна, а зошто не и во Западна Европа“. Министерот за иновации Даниел Лорер веќе нѐ гледа како светски лидер во производството на електрични велосипеди, а министерката за здравство Асена Шербезова сѐ уште зборува за митската информативна кампања која нагло ќе го подигне нивото на вакцинација против ковид. Додека Северна Македонија ја пушти апликацијата за електронска идентификација OneID, ние ќе ставаме чип во личната карта. Но, најхрабар во употребата на „ќе“ беше премиерот Кирил Петков, кој реши за еден мандат да изгради уште два моста на Дунав и најмалку три тунели под Стара планина. И, да – да купи огромни количества азербејџански гас. Наспроти тоа, скандалите станаа реалност.
Личниот став на министерот за одбрана во врска со можното распоредување на повеќе сили на НАТО во Бугарија е во спротивност со досега објавената државна политика. Повод за скандал се и коментарите дека со измените што се подготвуваат во Комисијата за борба против корупција и конфискација на незаконски стекнат имот таа ќе стане второ обвинителство. Скандалозни беа именувањата во дипломатскиот сервис на МНР и тоа што на 11-ти ден мнозинството се сети дека им недостига „младина“ на Министерството за спорт.
Целосен скандал беше воведувањето мораториум на цените на струјата, водата и парното, како и забраната мобилните оператори да ги покачуваат цените – не за друго, туку затоа што и двете акции се длабоко непазарни и крајно леви. А, не можеше поинаку, бидејќи беа наметнати под притисок на Корнелија Нинова и БСП.
Не можеме да се зборува ни за одвојување на министерствата, односно за избегнување на влијанието на партиите врз нивната работа. Во пракса ова не е влада на Кирил Петков, ова е длабоко поделен кабинет во кој никој нема право да се меша во туѓи работи. Три недели по формирањето, владата се обидува да ја потврди тезата дека коалицијата се заснова на идејата за партиски феудализирани министерства. Погледнете го скандалот со назначувањата во МНР – да не беше добрата волја на ИТН, Петко Сертов и останатите ќе беа уште на работа.
Во секое министерство се случува истото – општата идеја е дека не бараме професионалци, туку луѓе од партијата или блиски до министерот. Заменик-министерот за спорт е човек кој не се разбира од спорт, но е инженер, градежен специјалист – очигледно е во позиција да гради стадиони. Ирена Димитрова – единствената вработена со министерката за надворешни работи за време на нејзиниот мандат во НАТО во Брисел, стана заменик-министер во МНР…
Има и добри работи за овие три недели, се разбира. Владата најде пари за пензионерите. Кабинетот на Кирил Петков работи на правилен концепт дека пари во државата има, но не се собираат и трошат како што треба. Со добра наплата и контрола на трошоците, има пари. А ако има пари, добро е да се прераспределат како што треба. Точно е дека кога ќе им дадеш 50-60 лева на пензионерите, ниту тие ќе се збогатат, ниту државата ќе банкротира, но овие пари не се губат, нема да останат под душек, туку ќе се вратат во стопанството на најбрз начин.
Кабинетот на Кирил Петков во никој случај не ја изгуби довербата на јавноста, благодарение на која ПП победи на изборите и успеа да формира владина коалиција. И голема е веројатноста дека нема да ја загуби во наредните месеци. Проблемите со кои се соочува овој кабинет се истите што станаа јасни пред неговото формирање – владата е премногу расцепкана, нема унифицирана кадровска политика, а нејзините програмски документи не се гаранција за заедничка визија. Проблемот е што немањето брза и решителна акција од страна на Петков и Асен Василев создава чувство дека во оваа влада доминираат Нинова и останатите коалициски партнери“. (Сега)