Пендаровски ја почна кампањата со песна на Дуке Бојаџиев
Стево Пендаровски, кандидат за претседател, зад кого застанаа 30 политички субјекти, меѓу кои и СДСМ, на првиот ден од кампањата промовираше песна и спот под наслов „Сите едно пееме“, како дополнување на неговиот слоган „Заедно напред“.
Од СДСМ велат дека спотот носи силна визуелна поткрепа од убавините на нашата земја, планинските врвови и реки и единственото македонско зајдисонце, прекрасното Охридско Езеро, револуционерното Крушево, Скопската чаршија и традициите што живеат во неа, хероите на македонскиот спорт и уште многу други.
Песната, чиј автор е Дуке Бојаџиев, всушност, не е нова и уште во 2016 година беше достапна преку интернет-каналот на Јутјуб со наслов „Свет без граници“.
„Автор на музиката, текстот и аранжманот е Дуке Бојаџиев, а во изведбата се појавуваат двајцата битолчани, Крсте Роџевски како вокал и Исмаил Лумановски на кларинет, кои, како и Бојаџиев, долги години живеат и работат во Њујорк. Стиховите на песната се инспиративни и мотивирачки со повик за заедништво и соживот, како единствен начин да изградиме иднина каква што заслужува нашата држава“, велат од СДСМ во врска со изборот на музиката во кампањскиот спот.
Пендаровски преку видеото испраќа порака за обединување и потсетува дека патот што граѓаните го изоделе бил долг и тежок.
„Само обединети во една заедничка цел можеме да продолжиме напред и да изградиме држава во која сите ќе сакаме да живееме. Заедно напред. Затоа што заслужуваме модерна, европска држава“, завршува Пендаровски.
Гордана Силјановска-Давкова, зад чија претседателска кандидатура застана ВМРО-ДПМНЕ, сè уште не објави видео и песна што би биле препознатливи за нејзината кампања. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа сè уште не е дефинирано. За нејзин слоган на кампањата го избра „Правда за Македонија! Татковината повикува!“
„Сè уште размислуваме за песна со патриотска тематика во која ќе се воспева Македонија“, ни рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот за претседател од Алијансата за Албанците, а поддржан и од Беса, Блерим Река, вчера попладне објави кратко видео во кое е претставен во пријателска средба со граѓани, во кое доминираат кадри од Скопската чаршија. Неговиот слоган е – „Река за Републиката“.
Тројцата кандидати за претседатели за кампањата, покрај традиционалните механизми за директни средби со граѓани и митинзите, активно ги користат и социјалните мрежи. (И.Н.)