Пазарџиите во небрано – набавната цена на „замрзнатите“ производи повисока од продажната

Најголема штета ќе претрпат продавачите на мало, велат пазарџиите. Некои од нив производите ги оставија под тезгите, изложувајќи само малку


(Фото: Независен.мк)

Пазарџиите од утрово се најдоа во небрано – дали да ги продаваат производите чии цени ги лимитираше Владата по цена пониска од набавната, или кришум да бараат цена која ќе ги покрие барем трошоците за набавка. Некои одеа до таму што доматите, пиперките, бананите… ги криеја под тезга, па ако некој побара, да му ја кажат вистинската односно пазарната цена, а не онаа која што ја определи Владата.

„Утрово на Кванташки пазар доматите беа 110- 120 денари за килограм. Не сакаа да слушнат да продаваат поевтино. Велат, ако сакаш земи па продавај по цена колку што сакаш“, велат пазарџии на скопскиот Зелен пазар во центарот на градот.

Некои од нив, плашејќи се од инспектори, ги имаа ставено гајбите со домати под тезга, а на самата тезга имаа изложено десетина парчиња, колку да се знае дека го имаат овој производ, па кој сака да земе, може но по пазарна цена. А, таа беше и денеска од 100 денари за килограм, па нагоре, а ретко каде можеше да се најдат по цена од 70 денари колку што ја определи владината одлука.

(Фото: Независен.мк)

Слично е и со повеќето други производи чии цени со истата одлука беа лимитирани – вкупно 11 на број. Тоа особено важи за гравот, кој треба сега да се продава по цена од 75 денари за килограм, а квалитетниот „тетовец“ во набавката е четирипати поскап. Краставиците „се држат“ на границата која што е определена како највисока – 75 денари за килограм, слично е и со кромидот (лимитиран на 60 денари за килограм), портокалите (55 денари), мандарините (60 денари) кои по оваа цена на пазарите можеа да се најдат и пред стапување на сила на одлуката за лимитирање на цените.

Друго е прашањето како тоа ќе изгледа во маркетите каде што портокалите изминатите денови се продаваа по цена од 85-90 денари за килограм.

Министерот за економија Крешник Бектеши завчера изјави дека одредени производи се продавале со маржа од 200 до 250 проценти, но на зелените пазари оваа математика не ја прифаќаат. Пазарџиите велат дека со цените што се определени како највисоки имаат чиста загуба.

„Како што ќе каже учителот, така ќе постапиме“, ни велат иронично на една од тезгите на Зелен пазар, на која што се продава јужно овошје. Не го кријат незадоволството и додаваат дека од ова најголема штета ќе имаат токму продавачите на мало, кои ќе претрпат загуба, а граѓаните ќе добијат малку или ништо бидејќи може да се случи да престане да се увезуваат производите со лимитирани цени.

(Фото: Независен.мк)

Некои од продавачите на пазарите применуваат тактика да не ги пишуваат цените на производите на тезгите, па кога некој ќе праша да му ја кажат пазарната, а не лимитираната цена, ризикувајќи на тој начин да ги начека некој од Пазарната инспекција.

А, казните не се мали – за непочитување на одлуката тие се од 800 до 10 илјади евра зависно од големината на субјектот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски во понеделникот предупреди дека ќе работат со полн капацитет и сите инспектори ќе бидат на терен, како и дека нема да има попуст за оние кои што нема да ја применуваат одлуката за лимитирање на највисоките цени за 11-те производи, вклучително и на продавачите на зелените пазари.

Тој додаде дека до сега направиле повеќе од 1.800 инспекциски контроли при што во неколку случаи констатирале прекршувања на одлуката за што изрекле глоби во висина од над 2,5 милиони денари.

(Фото: Независен.мк)

Инаку, според одлуката на Владата од денес во трговијата на мало килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари, краставиците до 75 денари за килограм, кромидот до 60 денари, карфиолот до 70 денари за килограм, свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, леќата до 110 денари за килограм, бананите до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, мандарините до 60 денари за килограм и килограм лимони до 55 денари.

Министерот Бектеши во понеделникот изјави дека највисоките цени на овие производи во трговијата на мало, ќе се применуваат и на зелените пазари и тоа од 5 април 2023 година до 30 април 2023 година.

 

На истата тема: 
Доматите 70 денари, кромидот 60 денари… еве ги највисоките дозволени цени за 11 производи