Париз го поддржува барањето за ревизија на договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

Барањето на Холандија за ревизија на договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Израел е праведно, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Тој повика Европската комисија да го разгледа прашањето, бидејќи хуманитарната помош не стигнува до Газа повеќе од два месеца.
Холандската влада, која се смета за еден од најлојалните сојузници на Израел во Европската Унија, бара итна ревизија на договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој е основа за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Израел, соопшти во средата холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп за „Гардијан“.
– Холандија побара од Европската комисија да го анализира почитувањето на членот 2 од договорот за асоцијација со Израел, изјави денеска Баро за радиото „Франс енфо“ и весникот „Монд“.
– Тоа е легитимно барање и ги повикувам институциите на ЕУ да го разгледаат, додаде тој, потенцирајќи дека односите меѓу ЕУ и Израел се засновани на почитување на човековите права и демократските принципи.
На прашањето дали тоа значи дека Франција го доведува во прашање договорот, министерот одговори: „Да видиме што ќе направи Европската комисија за да го анализира почитувањето на членот 2 од страна на Израел“.
Министерот ја истакна катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа. „Реалноста е дека Палестинците во Газа гладуваат, немаат вода и се соочуваат со колапс“, изјави тој.