„Пари“: Како функционира железничкиот сообраќај – патниците не ѝ дадоа ниту тројка на железницата
„Со оваа анкета се опфатени две од предвидените четири железнички линии во двата правца. Железничките линии Скопје ‒ Кичево, Кичево ‒ Скопје и Скопје ‒ Кочани, Кочани ‒ Скопје не се опфатени од објективни причини, поради тоа што во периодот на спроведување на Анкетата не беа во функција“, пишува во Извештајот.
На прашањето: „Зошто ја користите Железницата?“ 56 насто одговориле дека тоа е поради цената. Во 2017 година ваков одговор дале дури 90 насто од патниците. Другите можни опции за одговор биле дека тоа е единственото превозно средство од нивната дестинација, за што лани рекле 4 насто од испитаниците, на 28 насто им одговарал возниот ред, 6 насто рекле дека се возат поради услугата, и 6 насто се изјасниле за „друго“.
На прашањето: „Дали сте информирани за своите права?“, 71 насто од испитаниците одговориле негативно.
Според анкетираните патници, времето на тргнување на возовите значително се подобрило лани во однос на порано. Така, дури 95 насто од испитаниците рекле дека возот им тргнува навреме. Во 2010 година ваков одговор дале само 43 насто од испитаниците. Пониски проценти имало и во блиско минато ‒ 75 насто во 2022 година, 74 насто во 2021 година, но во 2019 година, исто така, имало 95 насто.
Сепак, Железницата не доби ниту тројка за стандардите. На скала од 1 до 5, оценката за квалитетот на услугите што се добиваат при патувањето е 2,91. Таа оценка е подобра отколку во 2022 година, кога патниците ја оцениле Железницата со 2,76, а е полоша отколку во 2021 година, кога ја оцениле со 3,23.
Во врска со стандардот, за хигиената во вагоните патниците лани дале оценка 2,51, хигиената во санитарните јазли ја оцениле со 2,34, а загреаноста во зимски услови со 3,69.
Во прилог ЛИНК до целата анализа.