Папата Лав Четиринаесетти денеска ќе ја одржи својата прва голема миса

Рим– Новоизбраниот папа Лав XIV денеска ќе ја одржи својата прва голема миса како понтиф на Католичката црква во Сикстинската капела, соопшти Ватикан.
Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, им изјави на новинарите дека папата ќе се појави и на балконот на базиликата Свети Петар за пладневната молитва в недела.
Кардиналот од Чикаго, Роберт Френсис Превост, вчера по четири круга гласање беше избран за нов папа на Католичката црква по само 24 часа конклава во Сикстинската капела.
Светските лидери му честитаа на новоизбраниот поглавар на Католичката црква, Лав XIV, меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, израелскиот и францускиот претседател, како и украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на новиот папа, Лав XIV, првиот папа со американско потекло, и изрази уверување дека ќе продолжи конструктивната соработка меѓу Москва и Ватикан.
– Уверен сум дека конструктивниот дијалог и интеракција, кои се воспоставени меѓу Русија и Ватикан, ќе продолжат да се развиваат врз основа на христијанските вредности што нè обединуваат, напиша Путин во честитката објавена од Кремљ.
Израелскиот претседател Исак Херцог изрази надеж за посилни врски меѓу неговата земја и Светата Столица по изборот на новиот папа.
– Се стремиме кон зајакнување на односите меѓу Израел и Светата Столица, како и пријателството меѓу Евреите и христијаните во Светата Земја и ширум светот, се вели во пораката.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика „новиот понтификат да донесе мир и надеж“, истовремено додека вчера во Европа се одбележуваше 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, и на X на Лав XIV и „на сите католици во Франција и во светот“ им испрати „братска порака“.
Макрон во пораката го поздрави „историскиот момент за Католичката црква и нејзините милиони верници“ по изборот на Американецот Роберт Френсис Превост, првиот папа од САД во историјата.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски му честиташе на новиот папа, изразувајќи надеж дека Ватикан ќе продолжи „морално и духовно“ да го поддржува Киев за „повторно да се воспостави правдата и да се постигне траен мир“ со Москва.
– Украина длабоко го цени доследниот став на Светата Столица во однос на почитувањето на меѓународното право, осудата на воената агресија на Руската Федерација против Украина и заштитата на правата на невините цивили, напиша Зеленски на X.
Новиот германски канцелар Фридрих Мерц му честиташе на папата Лав XIV многу брзо по изборот.
– Со стапувањето на вашата нова должност, вие давате надеж и насоки на милиони верници ширум светот во овие тешки времиња, се вели во неговото соопштение за печат.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека со нетрпение очекува да соработува со новиот поглавар на Католичката црква.
– Изборот на папата Лав XIV е момент на длабока радост за католиците во Обединетото Кралство и во целиот свет, рече тој.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави говорот на папата Лав XIV, велејќи дека тој е „моќен повик за мир, братство и одговорност“.
Шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез, изрази надеж дека Американецот Роберт Френсис Превост, новоизбраниот папа Лав XIV, ќе успее да придонесе за „зајакнување на одбраната на човековите права“.
– Нека неговиот понтификат придонесе за зајакнување на дијалогот и одбраната на човековите права во свет на кој му се потребни и надеж и единство, напиша Санчез на X неколку минути по објавувањето на изборот на новиот папа.
Недолго по изборот, честитка до новиот папа упати и полскиот претседател Анджеј Дуда, порачувајќи му дека неговата традиционално католичка земја е „подготвена да ги зајакне“ своите „уникатни врски“ со Црквата.
– Република Полска е подготвена дополнително да ги зајакне овие уникатни врски – во име на заедничките вредности, во име на одговорноста за општото добро и во име на зајакнувањето на светскиот мир, напиша Дуда, кој и самиот е верник и католик.