Памер: Македонија испорачува најдобра реформска агенда во Западен Балкан


Македонија ја испорачува најдобрата реформска агенда во Западен Балкан, оценува австрискиот амбасадор Мартин Памер. Според него граѓаните треба да бидат оптимисти, бидејќи Владата посветено работи на евроинтеграциите. Од конференцијата на Академијата за европска интеграција именувана „Патот на Македонија до ЕУ: Предизвици и можности“ Памер кажа дека Македонија веќе оди кон Унијата, трае скриниг процесот, следно е одржувањето на втората меѓувладина конференција, со што би започнал преговарачкиот процес. Очекува уставните измени да се спроведат во услови на добра волја.

-Македонија беше првата држава од Западен Балкан што ја испорача реформската агенда за планот за раст на Западен Балкан и тоа всушност беше најдобриот план. Тој е сеопфатен добро развиен, што ниту една земја во регионот досега не успеа да дојде до тоа, изјави Памер.

Според амбасадорот,постои оптимизам дека до крајот на оваа година ќе се постигне компромис за уставните измени.

„Владата на Северна Македонија моментално работи на акциските планови и патоказите. Мислам дека Патоказот за малцинствата ќе се испорача до Европската комисија овој месец. Затоа постои одреден оптимизам дека можеби ќе се заврши и со компромисот 2022 до крајот на оваа година.  Северна Македонија е веќе во голема мера интегрирана во Европската унија во контекст на економијата, билатералните односи со ЕУ членките“, порача Памер. 

-Македонската Влада е подготвена да го вложи целокупниот човечки и институционален потенцијал за да стане дел од европското семејство, но дека веќе сме изморени од ветувања и условувања преку кои не се поминува, порача заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков. Вели и дека активно се работи на спроведување на реформската агенда, а тоа го покажуваат и финансиските средства кои ги добиваме од Европската Унија за спроведените реформи.

-Ние посветено работиме на европската агенда, односно Европската унија е единствениот стратешки пат кои што ние треба да го изодиме, затоа сме доста посветени не само како Министерство за европски прашања, туку и останатие институции, за да ја реализираме реформската агенда. Она што е многу важно е дека досега добро напредуваме, тоа ги покажа и оние транши кои ги добивме по реализацијата на одредени реформи, изјави Трајков.

Внатрешните реформи пред се во владеењето на правото се меѓу најважните за европскиот напредок, порача основачот и претседате на Меѓународниот одбор на Академијата за европска интеграција, Габриел Лански.

-Треба да се фокусираме на можностите и треба да се обидеме тешката работа да ја направиме возможна, дека вашето место е во Европа, во Европската Унија и дека тоа нема да е бенефит само за вашата земја, туку бенефит и за Европската Унија да ве има во клубот, изјави Лански.