Падот на економијата забави во третиот квартал, основната камата на НБ останува 1,5 отсто


Фото: Б. Грданоски

Последно расположливите показатели за економската активност за третиот квартал посочуваат на забавување на падот, во услови на намалување на рестриктивните мерки и приспособување на однесувањето на субјектите на новонастанатите околности, констатира  Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Според НБ, видливо забавување се забележува кај годишните стапки на пад на индустријата, што е во согласност и со закрепнувањето на извoзната активност. – Нешто подобри се и остварувањата кај градежништвото, прометот во угостителството и кај трговијата. Показателите за личната потрошувачка и инвестициите, исто така упатуваат на одредено закрепнување во овој период. Во однос на проекциите на Народната банка, послабите остварувања во првото тримесечје, како и оцените за продолжен ефект од здравствената криза упатуваат на надолни ризици за економските изгледи, информира НБРМ.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на седницата е одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5 проценти. Оценето е дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што е одлучено на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

На седницата на Комитетот е заклучено дека засега тековите се стабилни, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка потенцира во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно.

Од НБРМ посочуваат дека инфлацијата и во првите десет месеци од годинава е умерена и стабилна и во просек на годишна основа изнесува еден процент.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат дека тие и понатаму се на соодветно ниво и во сигурната зона.Од почетокот на годината, девизните резерви бележат зголемување, поддржани од средствата обезбедени преку надворешни извори на финансирање. Во однос на податоците од надворешниот сектор, тие покажуваат намалување на трговскиот дефицит, во согласност со очекувањата. Воедно, се забележува и постепено стабилизирање на понудата на менувачкиот пазар. Општо земено, констатира КОМП, надворешната позиција на економијата е стабилна, што е видливо и преку отсуството на поголема потреба за интервенции од страна на Народната банка.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е во согласност со очекувањата.

Во периодот од последната, октомвриска, седница на Комитетот па наваму, како што информира НБРМ, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму се зголемува, што придонесе за повремена и ниска потреба кај банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари.

-Остварувањата на домашните финансиски пазари во октомври упатуваат на натамошно продолжување на поволните движења на девизниот пазар. Овој тренд е главно предводен од натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и на девизниот пазар, којашто во октомври достигна највисоко ниво од почетокот на здравствената криза наваму. Поради овие случувања, како и поради задржувањето на девизната ликвидност на банките на релативно стабилно ниво, Народната банка и во текот на октомври ретко присуствуваше на девизниот пазар, преку ниски интервенции за продажба на девизи на домашните деловни банки, соопшти НБРМ.