Инфлацијата го губи здивот? Во јули на годишно ниво забави на 2,3 отсто
Најмногу за порастот на трошоците за живот во минатиот месец годинава во однос на јуни придонесоа Транспортот за 4,4 отсто, што со оглед на состојбите на пазарот на нафтени деривати и не е за изненадување
Иако јули е месец кога се очекува инфлацијата да „папса“, со оглед на изобилството на понуда, пред се на земјоделски производи, годинава се покажа „жилав“, во однос на јуни, па трошоците на живот се зголемијна незначително за о,1 процент, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. Сепак, на годишно ниво, односно јули годинава во однос на истиот месец лани, инфлацијата како да го губи здивот, односно трошоците за живот беа поголеми за 2,3 отсто. Во април 2026 година на инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 5,7 проценнти, во мај 4,8 и во јуни 3,4 проценти.
Најмногу за порастот на трошоците за живот во минатиот месец годинава во однос на јуни придонесоа Транспортот за 4,4 отсто, што со оглед на состојбите на пазарот на нафтени деривати и не е за изненадување. Висок пораст имаат и групите Рекреација, спорт и култура за 2,6 отсто, додека помало влијание имаа Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива кои пораснаа за 0,9 отсто, Ресторани и услуги за сместување за 0,7 отсто, Услуги за образование за 0,3 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1отсто.
Од друга страна, пак, во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 1,4 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци за 1,1 отсто, Облека и обувки за 0,2 отсто, Информации и комуникации и Здравствена заштита за 0,1 отсто.
Трошоците на животот во групите Осигурување и финансиски услуги и Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на трошоците на животот во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, бележи зголемување од 2,3 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1,8 отсто.

На годишно ниво најголем пораст кај трошоците за живот има во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, за 9,5 отсто, потоа кај Рекреација, спорт и култура, за 5,7 отсто, Услуги за образование, за 4,9 отсто и кај Ресторани и услуги за сместување, за 4,4 отсто.
Индексот на цените на мало во јули 2026 година во однос на јуни 2026 година изнесува 101,3.
За министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, податоците на Државниот завод за статистика за нивото на инфлација во јули 2026 година во споредба со јули 2025 година е уште еден показател којшто е потврда за политиките коишто ги креира и спроведува Владата и упатува на стабилизирање на економските текови и задржување на позитивните трендови во економијата.
Таа на Фејсбук објави дека забавување на растот на цените е забележано и на месечно ниво кај речиси сите категории производи и услуги, со исклучок на транспортот.
„Ова е уште еден охрабрувачки сигнал за движењата во економијата. Покрај намалувањето на инфлацијата, раст бележат извозот, индустриското производство и вработеноста, што укажува дека економските политики даваат резултати. Тоа се потврдува и со растот на даночните приходи во Буџетот заклучно со 31 јули 2026 година. Ќе продолжиме внимателно да ги следиме економските движења и да креираме мерки коишто се во интерес на граѓаните, за заштита на животниот стандард и за понатамошно зајакнување на македонската економија, наведува министерката за финансии во објавата на Фејсбук.
Кон крајот на минатиот месец, Народната банка на Македонија оцени дека домашната инфлација очекувано забрза во вториот квартал, како идека и натаму е на релативно повисоко ниво, при постепено забавување во текот на вториот квартал.
Според извештајот, најновите макроекономски показатели главно се движат во согласност со априлските проекции.
Во вториот квартал од 2026 година, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25%, во услови на продолжено времетраење на инфлацијата и висока неизвесност од надворешното окружување.
„Во вториот квартал, просечната инфлација изнесуваше 4,6%, при постепено забавување во текот на кварталот сведувајќи се до 3,4% во јуни. Сепак, процесот на враќање кон историскиот просек е побавен, при нагласени ризици од геополитичките случувања, од движењата на цените на примарните производи на светските берзи и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката. За 2026 година се очекува просечна инфлација од 4%, а за 2027 година 3%“, оцени Советот на Народна банка на крајот на јули годинава.