Британците рекоа „ОК“ за договорот од 110 милијарди долари: „Парамаунт“ доби зелено светло да го преземе „Ворнер Брос“


Владата на Велика Британија денес го одобри планираното преземање на „Ворнер Брос. Дискавери“ од страна на „Парамаунт Скајденс“ во вредност од 110 милијарди долари, проценувајќи дека трансакцијата нема да ја загрози конкуренцијата на пазарот.

Британските власти објавија дека нема да покренат дополнителна интервенција врз основа на јавен интерес, откако „Парамаунт“ даде дополнителни гаранции во врска со понудата на програми и зачувувањето на информативната содржина во Велика Британија, пренесува Ројтерс.

„Парамаунт“ има проблеми од другата страна на Атлантикот поради аквизицијата на „Ворнер“.

Во март следната година започнува судски процес во кој дванаесет американски држави го тужат „Парамаунт“ за наводен монопол и се обидуваат да го спречат преземањето на „Ворнер Брос“.

Извршниот директор на „Парамаунт“, Дејвид Елисон, изјави дека компанијата сè уште очекува дека спојувањето со „Ворнер“ ќе биде успешно завршено, но додаде дека компанијата е подготвена за судска постапка доколку не се постигне вонсудски договор.

„Парамаунт скајденс“ вчера објави дека во вториот квартал од 2026 година остварила раст на приходите, но значително помала добивка од очекувањата на аналитичарите.

„Парамаунт“ заработил 6,91 милијарди долари во периодот од април до јуни, што е за еден процент повеќе од претходната година и над очекувањата на аналитичарите од 6,88 милијарди долари.

Во исто време, нето добивката изнесувала само 41 милион долари, или четири центи по акција, што е значително под пазарните очекувања од 109 милиони долари или девет центи по акција.