Падна владата на Бугарија
Падот на владата на Росен Жељасков доаѓа по масовните протести поради лошо скроениот буџет за 2026. Синоќа во Софија се собраа 150.000 луѓе
Владата на премиерот Росен Жељасков си поднесе оставка по повеќенеделните протести во земјата. Десетици илјади граѓани протестираа против корупцијата и непотизмот во земјата-членка на ЕУ, а повод за незадоволството беше владиниот буџет за следната 2026 година. На синоќешните протести во Софија имаше 150.000 луѓе.
Опозицијата поднесе интерпелација за работата на владата за која требаше да се гласа денеска во парламентот, но премиерот Жељасков ја најави оставката пред гласањето.
Гласањето за гласањето за недоверба требаше да се одржи во 13,30 часот, но на барање на Павела Митова од партијата ИТН беше побарана пауза пред да се продолжи со гласањето. За време на паузата, беше свикана прес-конференција, на која премиерот Росен Жељасков објави дека поднесува оставка пред гласањето.
„Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Сепак, за нас, одлуките на Народното собрание имаат смисла кога ја изразуваат волјата на суверенот… Власта произлегува од суверенот. Како што постојано наведуваме, го слушаме гласот на граѓаните кои протестираат против владата… Нивните барања се оставка на владата“, рече Жељасков.
Кога беше објавена одлуката, присутни беа и претставници на официјалната владејачка коалиција – ГЕРБ, БСП и ИТН.
По објавувањето на оставката, гласањето за недоверба не беше усвоено. Во гласањето учествуваа само пратеници од опозицијата. ГЕРБ, БСП, ИТН и партијата ДПС – Нов почеток, која досега ги поддржуваше, не беа во салата. Така, гласовите „за“ падот на владата беа 106 пратеници, немаше гласови против или воздржани, но за да помине „за“ мораа да има најмалку 121 пратеник.
По гласањето, Раја Назарјан од ГЕРБ, која претседаваше со состанокот, но не учествуваше во гласањето, најави проверка на кворумот. Таков кворум немаше поради отсуството на претходното мнозинство и седницата на собранието заврши.
„Кога Пеевски ќе падне, не сакам да бидам под него, за да не падне врз мене“, скандираа некои пратеници од опозицијата во салата, додека Назарјан ја затвори седницата.
Гласањето за недоверба беше поднесено минатата недела. Иницирано од Продолжување на промените – Демократска Бугарија и поддржано од МЕЧ и Величие.
Само пред еден ден, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, објави дека владата нема да поднесе оставка сега и дека ќе зборува за тоа по 1 јануари.
„Секогаш ги слушав граѓаните во текот на овие години. Луѓето што протестираат од која било причина. Со овој буџет со кој започнавме, ги слушнав и го поправивме, па мислам дека ова е добар буџет засега. Ни остануваат 20 метри до финалето – од 1 јануари до влез во еврозоната“, рече Борисов преку новинарите во средата пред огромните протести синоќа.
По масовните демонстрации во Софија и низ целата земја, сепак, владејачката партија се предомисли.
Лидерот на ДПС – Нов почеток, Дељан Пеевски, кој ја зајакнува владата, молчеше во последните два дена.
Бугарија од 1 јануари следната година ја очекува и влез во еврозоната, а новиот буџет за првпат беше претставен во евра. Дел од граѓаните, некои опозициски партии, како и претседателот на државата Румен Радев се противат на воведувањето на еврото и бараа референдумско изјаснување, што беше одбиено од мнозинството.
По седум избори во изминатите, нешто повеќе, од четири години, Бугарија конечно доби влада на почетокот на годинава составена од коалиција на прозападни, проруски и популистички партии. Прозападниот сојуз од десниот центар ГЕРБ-СДС кој освои најголем број гласови на изборите, склучи сојуз со проруските социјалисти (БСП-ОЛ) и популистите од Има таков народ (ИТН). Дополнително, малцинската влада доби клучни гласови во парламентот од партијата на Турците, ДПС.
Неизвесно е дали по оставката на владата на Жељасков ќе бидат организирани нови предвремени избори, или ќе се прави нов обид за формирање мнозинство во парламентот.