Оваа фаза од банкарската криза е завршена, вели директорот на Џеј-Пи Морган


Според извршниот директор на Џеј-Пи Морган Чејс (JPMorgan Chase), Џејми Димон, кризата што урна три регионални американски банки во последниве недели е во голема мера завршена по решавањето на банката Фрст Рипаблик (First Republic).
Џеј-Пи Морган се појави како победник на викенд аукцијата за Фрст рипаблик, откако регулаторите одлучија дека истече времето за решение. Федералната корпорација за осигурување на депозити ја заплени банката, а њујоршката Џеј-Пи Морган објави рано во понеделникот дека ги презема речиси сите депозити на Фрст Рипаблик и поголемиот дел од нејзиниот имот.

„Толку се банките кои беа вака во офсајд“, им рече Димон на аналитичарите на повик веднаш по објавувањето на договорот.

„Можеби има уште една помала, но ова ги решава речиси сите“, рече Димон. „Овој дел од кризата заврши“, пренесе Си-Ен-Би-Си.

По ненадејниот колапс на Банката на Силиконската долина (Silicon Valley Bank) и Сигначр банк (Signature Bank) во март, инвеститорите казнија други заемодавачи кои имаа слични карактеристики на СВБ. Најмногу под лупа беа компаниите со најголем процент на неосигурени депозити и загуби во билансот на состојба.

Превирањата во март го изложија лошото управување на некои средни банки кои во суштина се обложуваа дека каматните стапки нема да се зголемат; кога стапките се зголемија, банките беа фатени во „офсајд“ со нереализирани загуби на обврзници на нивните биланси.

Но, вбризгувањето на депозитите од 30 милијарди долари во Фрст Рипаблик минатиот месец купи време за индустријата, дозволувајќи им на средните банки да ги пријават резултатите од првиот квартал во последните недели кои во многу случаи покажаа стабилизирање на депозитите. Тоа ги олесни стравувањата на инвеститорите дека многу повеќе кредитори наскоро ќе пропаднат.

Акциите на регионалните банки, вклучувајќи ги ПакВест (PacWest) и Ситизенс фајненшел (Citizens Financial), паднаа во претпазарното тргување.

Во иднина, инвеститорите сè уште се изложени на ризици создадени од зголемувањето на каматните стапки на Федералните резерви и нивното влијание врз средствата, вклучително и недвижен имот, додаде Димон.