Ова е металот на иднината. Се очекува брутален раст на цените


Голем број експерти за стоки веруваат дека претстои „суперциклус“ за трговијата со бакар. Имено, за премин во климатско неутрална економија, потребна е пред сѐ една суровина – бакар, пишува DW.

Долго време цената на бакарот на светските берзи само благо флуктуираше и не играше некоја голема улога за инвеститорите. Но, се чини дека тоа се менува. Од април, цената на црвениот метал постојано се приближува до нивото од 10.000 долари за тон. Дотогаш постоеше сигурна корелација меѓу глобалниот економски раст и побарувачката на бакар. Но сега, и покрај слабата конјуктура на светската економија, побарувачката за бакар значително расте.

Цената на бакарот на Лондонската берза за метали на 1 мај скокна за 1,7 отсто на 10.033,50 долари за тон. Така, бакарот повторно ја достигна цената од април 2022 година „Индексите и берзанските фондови ги туркаат парите на приватните инвеститори на металниот пазар“, објаснува Sandeep Daga од аналитичката компанија Metal Intelligence Center во изјава за агенцијата Ројтерс.

За што е потребен бакар?
Ако производството на енергија треба да се одвои од употребата на фосилни извори, тоа може да се постигне само со наелектризирање на економијата – а за ова, црвениот метал е неопходен.

„Бакарот е најважната суровина за енергетската револуција поради неговите физички својства – пред сѐ неговата електрична спроводливост“, вели Јоаким Берлебах од Earth Resource Investments од Цирих во интервју за ДВ.

„Ако навистина сакаме да ја напуштиме употребата на фосилни извори на енергија, ќе ни треба приближно исто количество бакар во следните три децении како во целата човечка историја досега“.

Мајкл Видмер е стратег за стоки во Bank of America (BofA). Како главна причина за поскапувањето на бакарот ја наведе декарбонизацијата на економијата за германскиот деловен весник Handelsblatt. Бакарот се користи речиси во сите индустрии и затоа важи како показател за економската активност“, рече тој.

Нема доволно рудници за бакар
Но, не само што расте побарувачката, туку понудата стагнира или дури опаѓа, што ги турка цените да бидат уште повисоки. Експертот за суровини Берлебах не е изненаден од ова: „Поради недостаток на инвестиции во нови рудници во последните десет години, нема доволно рудници за бакар“.

На недостаток на инвестиции се жали и аналитичарот Видмер од BofA. Врз основа на податоците собрани од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Видмер вели, „можеме да процениме колкава ќе биде годишната побарувачка за бакар до 2050 година“.

„Тогаш можеме да пресметаме колку треба да инвестираме во нови рудници: најмалку 127 милијарди долари годишно. Но, минатата година тоа беше само 104 милијарди долари. Од 2012 година, инвестициите постојано се намалуваат“, додава тој.

Новите рудници често наидуваат на отпор
Но, тоа не е се, проблемот не може брзо да се реши, вели Берлебах: „Дури и ако цената на бакарот продолжи да расте, неговото производство не би можело доволно брзо да се зголеми бидејќи од првото дупчење до производството се потребни и до 15 години. Поради намалувањето на количеството на бакар кај рударите, мора да се проектираат нови рудници со поголем капацитет“.

Но, на новите рудници често им се дава отпор, вели Видмер, бидејќи „ископувањето на бакар ја оптоварува животната средина“. Во интервју за Handelsblatt тој посочува пример од Централна Америка: минатата година рударската компанија First Quantum мораше да го затвори најголемиот рудник за бакар во Панама.

„Прво дојде до конфликт меѓу владата и компанијата First Quantum. Потоа дојдоа протестите на локалното население. На крајот владата го затвори рудникот и рече дека повеќе нема да излегува на пазарот.