Земјите од ЕУ губат и до 15 милијарди евра годишно поради фалсификувани производи


Поради фалсификувани производи и пиратерија, земјите од ЕУ губат до 15 милијарди евра годишно. На ниво на Европската унија, фалсификуваните производи сочинуваат речиси 7 отсто од сите производи увезени од трети земји.

Хрватската Царинска управа лани регистрирала влез на 635 фалсификувани производи со вредност од над 4 милиони и 200 илјади евра, јави ХРТ.

Европските компании губат милијарди поради фалсификувани производи. Купувачите често наоѓаат стока на интернет, главно несвесни дека прават прекршок со купување фалсификувана стока. Потрошувачите купуваат фалсификувани производи главно затоа што оригиналот им е прескап. Третина од Европејците го сметаат овој мотив за прифатлив, меѓу младите овој удел се искачува на 50 проценти.

Истражувањето на Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија покажува дека само 9 отсто од Хрватите претпочитаат да изберат копија. Финците имаат најмала веројатност да купат плагијат. Просекот на Европската унија е 13 отсто, а фалсификатите најмногу се купуваат во Бугарија, Шпанија, Ирска и Луксембург.

– Кога станува збор за фалсификувани производи, откривме дека 5,8 отсто од вкупниот увоз во Европската унија се фалсификувани стоки, што е 120 милијарди евра годишно. Тоа не го прават аматери, туку професионални организации, вели Нејтан Вајсман, главен економист во Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија.

Истражувањето покажува и дека за секој трет Европеец е прифатливо да се купува лажна стока доколку цената на оригиналот е превисока, а така мислат дури половина од потрошувачите на возраст од 15 до 24 години.

Главниот извор на фалсификати и понатаму е Кина. Тука спаѓаат модни додатоци, луксузни производи, компјутери, козметика, лекови… Лекови никогаш не купувајте онлајн, бидејќи состојките не се проверени. Не може да се знае бројот на фалсификати на пазарот. Тоа е сива бројка. Она што го знаат во Хрватска е дека минатата година нивната Царинска управа евидентирала влез на 635 фалсификувани производи. Вкупната вредност е повеќе од 4 милиони и 200 илјади евра.