Отворањето на рудникот Иловица за некои од жителите е шанса, не трагедија


Рудникот Иловица-Штука е предуслов за опстанок на општините Ново Село и Босилово, сметаат жители кои го поддржуваат отворањето на рудникот зашто велат дека на тој начин ќе се задржат младите луѓе во краевите кои веќе се запустуваат, пишува во репортажа порталот Југоинфо.

Никола Стаменов од Штука, поранешен претседател на Федерацијата на фармери на Македонија, смета дека аргументите за и против отворање на рудникот треба да се разменуваат преку дијалог со експерти од повеќе области.

– Ние кои сме за отворање на рудникот, а сме многу, сметаме дека покрај можностите за вработување се отвораат и големи можности за економски бенефит. Оваа инвестиција е примамлива и ќе донесе пораст на бруто домашниот производ, ќе донесе нова инфраструктура во населените места, ќе имаат бенефит и општините и регионот и државата. Токму поради тоа јас сум за отворање на рудникот, бидејќи од неперспективност моите две деца заминаа во странство – вели Стаменов.

Тој апелира Владата и надлежните институции да ги слушнат и тие што се за отворање на рудникот и да најдат заедничко решение. Тој предлага да се формира независно тело кое ќе го контролира ископот и преработката на рудата и дали тоа се врши според пропишаните стандарди.

Жители од Иловица и од Штука сметаат дека ова е можност да се задржи народот тука, да си најде вработување и да остане да живее тука. Од овие села младите заминуваат најчесто во Словенија.

– Со отворањето на рудникот ќе се вработи народ. Од рудникот може да имаме само ќар, а не зијан. Ќарот ќе биде вработувањето, бидејќи ќе се вработат многу млади луѓе од општините Ново Село и Босилово. Рудникот е предуслов за опстанок на овие две општини – вели Митко Иванов од село Штука.

– Кој нешто им понудил на граѓаните за да останат тука? Тука во Иловица никој не смета дека со садење и берење тутун може да се живее. Овде нема стока, има само еден што има овци и еден што има кози. Не држи вода нивниот муабет дека ќе нема стока – вели жител на Иловица.

Жителите прашуваат зошто активистите за заштита на животната средина не реагираат и на безмилосното уништување на шумата.

– Ниту еден од нив не е дојден да види зошто се пустоши Огражден. Ловците кои сакаат планината да им биде чиста ловат се живо и диво, и срни и млади диви свињи – велат тие.

Огњан Лазаров смета дека отворањето на рудникот може да ги покрене работите кон подобро.

– Рударството никаде во светот не е забрането со закон и затоа нашето барање е многу легитимно бидејќи рударството е високо доходовна гранка. Доволно е да се присетиме што значеше рударството во поранешната СФРЈ и на кој пиедестал беше и затоа Југославија беше голема сила бидејќи имаше силно рударство. Заради сето тоа е формиран Рударско-геолошкиот факултет во Штип, кој треба да едуцира кадри од оваа област – потсетува Лазаров и нагласува дека ако не се направи нешто радикално за повеќе од една деценија струмичкиот крај може да стане Мариово.

Според него, Општина Босилово од надоместоците за концесија во висина од околу 4 милиони евра што би ги добивала од рудникот може за една година да почне да го решава проблемот со канализацијата, но и среди други нерешени инфраструктурни проблеми.